Охрид, 4. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од локацијата кај познатата Бела куќа на улицата „Димитар Влахов“ бр. 9 во Охрид, од каде бескруполозно беше тргната плочата од НОБ, вчера се обрати Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска.
– Овој културен објект беше уништен од страна на локалниот шериф, Нефи Усеини. Плочата на АСНОМ каде пишува за осудените антифашисти од страна на бугарскиот окупатор, беше тргната пред месец дена. Од градоначалникот Пецаков нема никаква реакција додека се уништува антифашистичкото наследство од страна на поранешниот функционер на ДУИ, истакна Мојсоска.
Таа се наврати кон 2019 година кога беа силни обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ кон Усеини. Според Мојсоска, наспроти тоа, се испоставува дека коалицијата ДПМНЕ – ДУИ сега е уште посилна, благодарение на заедничките бизнис – интереси.
– Ќе потсетам дека во 2019 година, токму ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Усеини го тероризира Охрид. За жал, Охрид го губи својот автентичен изглед, иако за овој објект има Решение за уривање. Институциите молчат, молчи и Министерството за култура кое е раководено од социјал-демократите, додава Мојсоска за криминалот на поединците и молкот на институциите.
Таа ги повика граѓаните на 8-ми мај да го заокружат број 5, за да се стави ред во безредието и закон во беззаконието. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива