News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
август 6, 2014

За Охридцките работи Бр. сл. 006/04/2013 Охрид, 06. август 2013 година

Абе не за друго, за брзо ќе ни снема изговори. Де времето не чинело, де ни правеле опструкција некои портали со 200-300 читатели дневно, де скапи сме биле, де не знам што… Верувајте ако вака продолжиме, наскоро ќе ги потрошиме сите изговори и ќе нема со кого и за што да се караме.

Можеби тогаш ќе се погледнеме в лице и ќе научиме дека проблемот е кај нас и само на таа адреса.

– Туризмот е како римскиот бог Јанус, со две лица. Една година ќе ве израдува, а веќе следната ќе ве фрли во очај, вели хрватскиот туризмолог Винко Јурин. Само овој Јанус како да се заборави со второво лице во нашиов Охрид.

Охрид, или „најголемиот туристички центар во Република Македонија“ како што го нарекуваме често, чесно и во борба еден на еден ја загуби битката за тој наслов од Прилеп. Да, да истиот тој Прилеп (ебаго) кој со плескавици и „Миљацка“ не порази и тоа „за сите пари“. Можеби сте во групата на душегрижниците и тврдите дека таму пееле премногу српски пејачи, дека било „селска забава“… Во ред, го почитувам вашето мислење, но што ако е вистина дека тие неколку дена во Прилеп влегле 400 илјади луѓе (!!!), па да речеме дека секој од нив потрошил само по 10 евра….

Многу а?

Ама затоа ние си сме горди охриѓани кои од концерт на концерт само одиме, од опера на балет. Тоа е нашата забава, го облекуваме фракот или дамите вечерниот фустан и оп на концерт на класична музика. На свадба, крштевка или некоја веселба ако одиме, ред Бетовен, ред Моцарт и така…си се веселиме. Како бе тоа прилепчани биле „селани“ со Халид и Бреговиќ, а ние не сме со Аца и Жељковците, па оној Матиќ, Харис и останатите. Како може тоа така? Разликата е само во оние 4 милиони евра – тие ги направија, ние не.

Tолку…

Уште пред некоја година пишував дека не смееме да бараме изговори, туку да научиме нешто од оние кои веќе направија систем кој функционира. Тогаш уште бевме „во филм“ дека на некои пејачи „требало да им биде чест да настапат во Охрид“. И така ние чесни, тие почесни, си славевме Нови години со РНС бенд и некои пејачи кои не се снашле за подобра тезга. Сега читам Лејди Гага ќе дојдела. Супер, само ни фалат едно 2 милиони долари колку што чини настапот на Гага. Само толку, желбата ја имаме, уште за париве да видиме….

Најдобрите менаџери совршено добро знаат дека не е веќе потребно да се измислува топла вода, туку да се искористат адекватно проверените искуства и да се прилагодат на своите потреби. Вака како што сме тргнале, вооружени со другарчињата и роднините околу нас, никаде нема да стигнеме.

Ако некој веќе мора да го каже ова јасно и гласно еве – ОХРИД НЕМА НИКАКВА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ.

Ако барате доказ за ова погоре, само погледнете околу себе. Десетици илјади гости се туркаат секојдневно по плажите и навечер по чаршијата. Огромен дел од нив си имаат станови и си доаѓаат во Охрид како дома. Тие не постојат во ниту една статистика, тие се туристичките „духови“ кои најдоа „село без кучиња“. И за да биде уште пострашно, тие, иако имаат станови овде, не се „кремот“ на македонските туристи. „Тешкашите“ ќе заминат во егзотичните летувалишта ширум светот и ќе дојдат во Охрид еден или два викенди, колку да видат и да бидат видени на некој поважен настан. Немаме ние со што да ги привлечеме тие луѓе, немаме стратегија за да ги задржиме и да ги натераме парите да ги остават токму тука.

Мора еднаш да се одлучиме, или ќе ги „таргетираме“ овие гости, или со баба Илинка и баба Нада ќе издаваме соби за 300 денари. Двете работи тешко ќе одат заедно.

Читам деновиве многу душегрижници, кои во Охрид последен пат биле во „Синдикални“ пред 20 години како коментираат што тоа му требало на Охрид. Па вакви финеси требало, такви финеси требало. Другарчиња, едно да е јасно за сите – не сме за финеси, големи работи се потребни во Охрид. Без патишта нема туризам, тие се крвотокот, тие се основата за брзо движење. Колку се нервиравте само деновиве кога враќајќи се од некоја плажа, сте „уживале“ блокирани со часови. Каква слика ќе однесат дома туристите кои со часови на жешкото сонце чекаа да платат обична патарина кај Куманово.

acalukaskoncert

Илинденски УЛТРА – МЕГА – ГИГА – ТУРБО викенд!

Баш сакав да видам оваа година дали ќе успееме да го урнеме рекордот од годиниве наназад и да ставиме што се става и што не се става во само два три дена. Пред и после тоа ќе дремеме, но тие два три дена мора да се ТОП (пеер). А годинава имавме програма – боли глава, и тоа во буквална смисла. Главата особено ги болеше оние во стариот дел на градот кои „уживаа“ во сите можни концерти ова лето, и тоа без да го напуштат својот дом. Убавина, си седиш дома и од моќните звучници ги слушаш најголемите хитови на Жељко и Жељко, Владо, Влада, Аца…абе милина. Нема друго место на планетава каде на километар едни од други можете да ги слушате Roger Sanchez и Ferry Corsten од една, и Аца Лукас од друга страна во исто време.

Кога само ќе им текне на одговорните да се одлепат од трите Илинденски денови и кога од нив ќе се побара дозвола за некој настап, да проверат во календарите дека има и други датуми. Ќе се зголеми сезоната која секоја година ја намалуваме ден по ден. Ако вака продолжиме целата сезона ќе се сведе на тие два-три Илинденски денови и толку.

И добро бе, како можеше да се случи да паднеме на една ефтина финта на уште поефтини порталчиња, кои во замена за седум дена у Закинтос (пеер) за газдата, се подготвени да ја подгреваат легендата дека Охрид бил прескап, дека за истите пари ќе сте летувале во Шпанија, дека сме биле „селанчишта“ и така некои други пикантерии. Охрид е далеку од „цвеќе за мирисање“, но она што го читав, ама баш нема врска со реалноста. Дека има поскапи места во Охрид – има, но дека има и места со совршено нормални цени – има и тоа многу. Еве седнете во „Аквариус“, кафе бар со култно педигре… Можете двајца да пиете еспресо или макијато за под 100 денари. Обидете се истото да го направите во кафе бар од ист ранг во Скопје.

odberetevistina

Повелете, одберете си ја вашата „вистина“. Вестите се објавени во еден ден

Уште пишуваа дека не биле задоволни од услугата. Па добро бе другарчиња, еве седнете во „Далга“, „Тино“ или некои други локали од овој калибар, па ќе разговараме подоцна за тоа како ќе бидете послужени. Каква тоа посебна услуга очекувате ако сте седнале во сендвичара? Добивате сендвич и тоа е тоа. Јас не знам што Ви даваат со сендвич во Скопје, масажа, или седум дена у Закинтос (пеер).

Каде од овде натаму!

Ако одиме по логиката на рецепателот, после август следува септември, па октомври и така натаму… А што се однесува до Охрид, неговите први луѓе мора да најдат начин да се стопира уништувачкото градење на згради во Охрид, да се направи обид да се подобри патната и комуналната инфраструктура во градот, да донесат свеж капитал однадвор, но не со сомнително педигре, туку да донесат големи и сериозни имиња, по кои ќе се смени и структурата на гостите, да се врати индустријата и да се направи обид за рестартирање на некој од големите капацитети, да се справат со наследените проблеми, преобемната општинска администрација и да учат од грешките на претходниците и во никој случај да не ги „прошируваат и надградуваат“, да направат брза, мобилна и достапна за граѓаните општина, во секое време тука за секој граѓанин, да се забрани да може секој да се занимава со издавање на соби и воопшто со угостителство, да се исчисти шеталиштето од Лесковачките скари, кои иако се вети се’ уште се тука, заедно со „Боксот“ и сите други возможни и невозможни панаѓурски радости…

Сопственото его мора секој охриѓанец да го потисне најдлабоко во себе, почнувајќи од првиот, па до последниот. Ако живееме од и за туризмот кажете да се прилагодиме на тоа, ако не кажете на која улица се фабриките, па да работиме таму.

Нема план Б за нас.

За крај – Аца Лукас купува стан во Охрид

Одлуките на Уставен суд (и на Аца Лукас) не се коментираат!

Сашо Митан

За Охридцките работи на Facebook

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука