хрид, 5. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, во 1907 година во Охрид е роден Петре Пирузе- Мајски, учесник и командант во НОВ во Македонија, член на ГШ на НОВ и ПОМ и член на президиумот на АСНОМ.
Роден е во семејството на Сотир и Хрисанта Пирузе, а во родниот град завршува основно училиште и гимназија. Иако во крајно неповолна економска положба, младиот Пирузе се одлучува да го продолжи образованието, па заминува на студии по право во Белград. По завршувањето на правните студии се враќа во родниот град, а започнува да работи прво како судски приправник во Ресен и потоа како адвокатски приправник во канцеларијата на Илија Коцарев.
Со изразено чувство за правда, способност и ентузијазам, станува голем авторитет со што започнува неговата поголема дејност за организирање на политички активизам во Охрид. Со фашистичката окупација на Југославија и на Македонија во 1941 година започнува и неговата засилена револуционерна активност.
Под негово раководство се регрутираат борци и се формираат партизански одреди и баталјони. Тој е популарен помеѓу партизаните и населението, па набрзо неговото име станува синоним за борбата. Станува член на Генералниот штаб, а со негово одобрение на територијата на слободна Дебрца во 1943 година е одржан и Свештеничкиот собир во Издеглавје. Тоа претставува првата ќелија на автокефалноста на Македонската православна црква. Тогаш е издаден и Манифестот на НОБ во чие редактирање земал учество и Мајски, а бил и член на Президиумот на АСНОМ.
По ослободувањето се враќа во Охрид, но веднаш потоа го испраќаат во Скопје како министер – повереник на правосудството. Функцијата прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja ја извршува во периодот од 1944 до 1945 и дава исклучителен и еднинствен продонес за втемелувањето, организацијата и структуирањето на македонскиот правосуден систем и адвокатура. На 7-ми декември 1944 година согласно Решението на националниот комитет на ослободувањето на Југославија, Петре Пирузе- Мајски како министер-повереник за правда носи решение со кое се регулира статусот на Адвокатската комора.
Пo фoрмирaњeтo нa Maкeдoнскaтa влaдa во 1946 година, Пирузе бил отстранет од Македонија и испрaтeн зa судиja нa Врхoвниoт суд нa Jугoслaвиja вo Бeлгрaд, но уште во 1947 година му одземена „Партизанската споменица 1941“. На 14-ти ноември 1950 година во Белград, без никакво образложение, Петре Пирузе Мајски бил лишен од слобода и испратен на Голи Оток, каде што останал во заробеништво четири години. Заточеништвото поминато на Голи Оток било исполнето со постојано тероризирање, пресија, измачување, психолошка тортура, малтретирање, забрането зборување со други заточеници, постојано испрашување и физичко истоштување.
Во немање на докази и аргументи за сторено кривично дело, власта го ослободува во февруари 1954 година. И покрај инсистирањето да го признае делото, никогаш не го признал тоа. Враќањето на Мајски во Македонија предизвикува паника во безбедносните служби и тој е следен, обработуван и кодошен се до неговата смрт. Безбедносниот интерес за него никогаш не престанал. По враќањето од Голи Оток работел како правен советник во Сојузната ветеринарна служба во Белград, а неговата молба за адвокатура во Скопје била земена на „нож“, внесувајќи немир кај лицата кои го контролирале неговиот професионален ангажман и приватниот живот.
Животниот пат на Адвокатот-револуционер завршува во Охрид. Почина на 12-ти јануари 1980 година.
Денес, биста од од втемелувачот на македонската адвокатура и правосудство се наоѓа пред Основниот суд во Охрид како потсетување за неговиот влог во правото пред судот на историјата. (Крај)
извор: akademik.mk фото: архива