Охрид, 24. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Медиумите и денес умеат стереотипно да ја претстават сексуалната работа во Република Македонија. Сексуалните работници не се препознаени како група, освен што се прифатени со овој термин во стратегијата за ХИВ.
Невладината организација „Опција“ од Охрид од 2009 година работи на програмата за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства.Оттаму велат дека сексуалната работа не подразбира експлоатација, туку доброволна размена на сексуални услуги.
– Сексуалната работа во Македонија и во светот постои како најстар занает. Ние им нудиме поддршка во смисла на медицинска помош, економска и социјална, психолошка, правна и друга поддршка, бидејќи и тие се луѓе како сите останати. Не дека ги поддржуваме да продолжат да ја вршат таа работа, но тоа е нивни доброволен избор, вели Царе Рувинова од „Опција“.
Според неа, како сексуални работници работат мажи и жени, но и трансродни лица, но сепак доминира женската популација.
– Доминира женската популација, но ги има и оние од машки пол. Ние ја правиме секундарната превенција. Доколку се одлучиле да ја работат оваа појава работиме на превентивните активности со нив. Добро е што постои дневниот центар за поддршка во Охрид кој го посетуваат, но повеќето ги контактираме преку нашите теренски активности, додава Рувинова.
Од „Опција“ велат дека контактираат со околу 180 сексуални работници од Охрид и Струга, но оваа бројка, според нив, не е конечна зашто ги има повеќе.
– Социјалните работници одат на терен таму каде што живеат или работат сексуалните работници. Им делиме бесплатни кондоми, лубриканти, едукативни материјали, хигиенски пакети, бесплатно доброволно тестирање за ХИВ бесплатни гинеколошки прегледи. Посебно работиме со децата на сексуалните работници од запишување на училиште, до вакцини, како и до различни креативни работилници со нив, појаснува Рувинова.
Од невладината „Опција“ велат дека медиумите мора да ги надминат стереотипите. Тие го креираат јавното мислење и се важна алка во превенцијата против сексуално преносливите болести и во сензитивирањето на популацијата и токму поради тоа, постојано треба да се информираат што е ново во оваа и во другите сфери. (Крај/А.Р.)
извор: Супер радио фото: Супер радио