ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Која е Гордана Силјановска Давкова? Родена на денешен ден во Охрид, утре ќе биде инаугурирана за претседател на Република Македонија

Скопје/Охрид, 11. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како шести претседател на Република Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција, Гордана Силјановска Давкова утре ќе биде инаугурирана на оваа престижна функција.

Државната изборна комисија утрово треба да одржи јавна седница за објавување на конечност на резултатите за претседателски избори. Потоа Комисијата треба да достави извештај до македонското Собрание за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка. До Државната изборна комисија (ДИК) синоќа, на помалку од два часа до истекување на предвидениот рок во 22:30 часот не биле поднесени приговори за постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори. Од Комисијата вчера најавија дека доколку до завршувањето на рокот нема приговори, денеска ќе го достават извештајот со конечните резултати од претседателските избори до Собранието. Потоа се очекува претседателот на Парламентот, Јован Митрески да ја закаже седницата во недела напладне за инаугурација на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

По официјализирањето на изборните резултати, седницата за инаугурација на новата претседателка треба да биде свикана најдоцна на 12-ти мај. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. На 12-ти мај истекува мандатот на актуелниот претседател, кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

Гордана Силјановска Давкова вечерва ќе ја презентира програмата во Вевчани, Струга и Ресен | Портал ТВМ

Сиљановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Сиљановска-Давкова беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателските избори во 2019 година, кога победи Стево Пендаровски. На Парламентарните избори во 2020 година, Силјановска-Давкова беше носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година таа е пратеник во македонското Собрание. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука