Охрид, 12. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ утрово пристигна првиот авион со туристи од Холандија.
Со летот Амстердам-Охрид на компанијата Corendon, со леталото Boeing 737 пристигнаа 120 патници, кои ја отвораат сезоната 2024 во Охрид.
– Од денеска, 12-ти мај, до крајот на септември годинава, Corendon ќе има вкупно 32 лета Аместердам-Охрид-Амстердам. Холандски туристи, преку истата воздушна релација, Амстердам-Охрид-Амстердам, на Охридското Езеро годинава ќе носи и тур-операторот ТУИ Флај, чиј прв лет ќе биде на 20-ти мај. До крајот на септември, ТУИ Флај ќе реализира вкупно 62 лета до Охрид, порачаа од ТАВ Македонија.
Тур-операторот Corendon беше најзаслужен за враќањето на туристите од земјите на Бенелукс, во најголем број Холанѓаните, на Охридската ривиера по распадот на поранешна Југославија.
Охрид и Република Македонија долго години се меѓу омилените дестинации за холандските туристи. Еден од главните „виновници“ за тоа е писателот Корнелиус Боб Спелстра, познат под псевдонимот А. Ден Доолаард, кој во книгата „Свадбата на седумте цигани“ ја опишува нашата држава како место кое не смее да се пропушти и мора да се посети, пред се’ поради богатата историја, убавините и културното наследство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес