Скопје/Охрид, 16. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Управниот суд иформира дека по поднесени седум тужби од Коалицијата „Европски фронт“ на Парламентарните избори 2024 година против решенија на Државната изборна комисија (ДИК) оформени се предмети и ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот Законик.
– Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот Законик, се вели во соопштението од Претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.
Управниот суд денеска одржа јавна седница по тужба на Коалицијата „Вреди“ по одлуката на ДИК за одбивање на нивниот приговор за избирачко место 0511, во Долна Бањица во Општина Гостивар на Парламентарните избори 2024 година. Управниот суд одлучи дека постапката се прекинува, откако претставникот на Коалицијата „Вреди“ изјави дека ја повлекува тужбата во целост.
ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори – девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.
Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата Ввлен со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати. (Крај)
извор: МИА фото: архива