Избор Избори 2024 Македонија

Управен суд ќе одлучува по седумте тужби на „Европскиот фронт“ на ДУИ, меѓу нив и за избирачкото место 1272 во Охрид

Скопје/Охрид, 17. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Управниот суд за денеска се закажани седум јавни седници на кои треба да се разгледаат тужбите поднесени од коалицијата „Европски фронт“ предводен од ДУИ против решенијата на Државната изборна комисија за парламентарните избори што се одржаа на 8-ми мај.

Првата седница е закажана во 10:30 часот, а последната во 22:30 часот. Седниците, како што стои на официјалната веб страница, треба да се одржат со временско растојание од два часа.

Коалицијата „Европски фронт“ во изминатите денови на прес-конференции обвини за изборен инженеринг, односно дека преку ДИК се прави обид да им се одземат еден до два пратенички мандати.

Државната изборна комисија по претходно поднесени приговори утврди нерегуларности за текот на гласањето и броењето гласови во Желино, Битола, Струга, Охрид, Кичево, Крушево, Ресен, Демир Хисар и Долнени, на дел од овие избирачки места ќе има прегласување, што ќе значи и можност за различна распределба на мандатите од првичните официјални резултати во изборната единица пет.

Во Изборната единица 5 прифатени се приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2102 во Желино. (Крај)

извор: инфомакс.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука