јануари 26, 2015

Охрид, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Идејниот архитектонско-урбанистички проект за изградба на нова луксузна туристичка населба во заштитениот дел од Студенчишко блато крај Охрид, веќе е изработен, пишува порталот Build.mk.

Во конкуренција на два доставени архитектонски труда, општина Охрид се одлучила да додели две втори награди во висина од по 20.000 денари. Едното идејно решение е дело на авторите Ана Кафтаноска и Марио Баткоски, а со втора награда на Конкурсот се стекна и заедничкиот труд на Бекир Адеми, Амине Адеми и Аурора Саиди.

Од информациите што досега се објавени во јавноста, на просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ ќе се градат серија од разновидни објекти, за кои е прашање како ќе влијаат врз присутниот биодиверзитет во Студенчишкото блато. На овој простор треба да се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, меѓусебно поврзани со систем од канали и езерца. Долж самото крајбрежје на Охридското езеро треба да никне долгонајавуваната марина во градот, но и нова плажа со должина од 700 метри. Во изготвувањето на проектната документација за овие градби учествуваат општина Охрид и Министерството за транспорт и врски.

Според екологистите и експертите, најавените проекти ќе влијаат негативно врз биодиверзитетот на Студенчишкото блато, кое не само што претставува живеалиште на многу видови флора и фауна, туку е и природен филтер на Охридското Езеро, кое е заштитено од УНЕСКО.

Вкупната површина на Студенчишкото блато изнесува околу 25 хектари. За овој заштитен еколошки простор во јануари 2012 година е изготвена студија за негова ревитализација од Друштвото за еколошки консалтинг „Деконс – Ема“, во соработка со професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод, еколози и самостојни експерти. Во документот се нагласува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридското езеро, кое пак е заштитено од страна на УНЕСКО. (Крај)

извор: Build.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука