Скопје, 22. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски, официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција на партијата на денешниот состанок на Извршниот одбор.
Ова следува по изборниот неуспех на СДСМ на претседателските и парламентарните избори пред две недели, по кој Ковачевски најави избор на нов партиски лидер и раководство.
Во дописот кој Ковачевски го доставил до Извршниот одбор и до претседавачот на Централниот одбор, тој вели дека повлекувањето од лидерската позиција во партијата е високо морален чин во контекст на изборниот пораз на СДСМ и врз основа на, како што вели, пасивноста на дел од членовите и симпатизерите на партијата, вклучително и најголемиот дел на избраните и именуваните функционери на централно и локално ниво.
– Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, сè до општинските органи на раководење на партијата. Ваквиот чин е редовна постапка во сите европски и светски демократии, каква претендираме да бидеме и ние и треба да биде пракса на сите раководства на партијата по изборен неуспех, пишува, меѓу другото, Димитар Ковачевски во дописот испратен до ИО и ЦО на СДСМ.
Како и по изборната ноќ на 8 мај, така и сега, Ковачевски оценува оти со поразот на изборите на СДСМ му е нанесен тежок удар и оти партијата ќе треба да погледне навнатре и да се реформира.
Освен што информира за повлекувањето од претседателската функција во СДСМ, Ковачевски побара и свикување на конгрес на кој ќе се анализираат изборните резултати и по кој ќе се одржат внатрепартиски избори во СДСМ.
На конгресот, според точките од предложениот-дневен ред, претседателот и раководството на СДСМ треба да реферираат за периодот од декември 2021 година до мај 2024 година, а извештај треба да даде и Централниот изборен штаб во врска со годинашните двојни избори. По овие точки е предвидена расправа на делегатите на конгресот по што ќе се изјаснува доверба на органите на СДСМ избрани од Конгресот.
– Барам од Извршниот одбор, Претседавачот со Централниот одбор и Централниот одбор на СДСМ да ги донесат сите потребни одлуки, акти и постапки согласно Статутот на СДСМ за организирање на конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ и организирање на внатрепартиски избори согласно статутот на партијата, додава Ковачевски во дописот.
Осврнувајќи се на изборните резултати на партијата, Ковачевски посочува дека првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обнова на идеолошката и вредносна матрица која, како што вели, ќе ги собере сите прогресивни сили на левиот центар во државата. Вториот чекор, посочува, е длабока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал и крајно, реформи во организациската поставеност на партијата. (Крај)
извор: 360 Степени фото: архива