Охрид, 24. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – На овој убав празничен ден ја имаме честа да оддадеме почит и благодарност на првите апостоли на Словените, кои ни го оставија најдрагоцениот подарок, а тоа е нашата писменост и културниот идентитет, како охриѓани и Македонци да го славиме споменот на светите браќа Кирил и Методиј, на нивната несебична работа и визија, порача денеска градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, на манифестацијата која се одржа пред нивниот паметник.
– Создавањето на Глаголицата и ширењето на писменоста меѓу Словените значеше почеток на нова ера, .ера во која словенските народи добија можност за образование и духовно воздигнување. Оваа дејност продолжи и се усоврши преку учениците Свети Климент и Наум Охридски, кои токму тука во Охрид го создадоа најважниот културен и образовен центар на средновековниот свет – Охридската книжевна школа. Овој центар не само што бил светилник на знаењето и духовноста, туку и место каде што се создавала и пренесувала словенската писменост. Како една нова генерација, која се соочува со бројни актуелни промени и идентитетски предизвици, од особена важност е да го чуваме и славиме делото на Свети Кирил и Методиј и да ја почитуваме нивната света мисија. Тие ни покажаа дека образованието и културниот развој се основата на секое општество и дека преку знаењето и мудроста можеме да изградиме подобра иднина за сите нас. Нека Светите браќа продолжат да бидат наша инспирација во сите понатамошни чекори на патот кон подобра иднина, порача Пецаков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива