Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Младите охриѓани Ангел Ристоски и Анастасија Јованоска главни улоги во краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска, најдобар домашен филм на ФИЛМАЈ 2024

Охрид, 25. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“, во режија на Лидија Мојсовска, ја освои наградата за најдобар домашен, македонски филм од жирито на ФИЛМАЈ, Меѓународниот фестивал на краток филм Куманово 2024.

– Пријателството на Борис и Кира е ставено на тест, кога Борис под влијание на неговата баба ќе почне да се сомнева дека Кира е олицетворение на ѓаволот. Со тоа тој ќе се двоуми за нејзината добрина, до моментот кога Кира ќе му ја открие тажната вистина за нејзиниот живот, стои во описот на делото на Мојсовска.

Главните улоги во филмот ги толкуваат младите охриѓани Ангел Ристоски, ученик во 7² одделение при ООУ „Христо Узунов“ од Охрид и Анастасија Јованоска, ученичка во прва година во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. Сценариото е дело на стружаните Јаков Попоски и Лидија Мојсовска, а Бранко Аврамовски беше директор на фотографија.

Ова е трета награда за најдобар филм за краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска, по оние во Португалија и Црна Гора.

Жирито на ФИЛМАЈ, Меѓународниот фестивал на краток филм Куманово 2024, ги награди филмовите:

– Награда „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија за Сам Манакса (Филипини) за режијата на филмот „Жими сè најмило“,

– Награда „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија/кинематографија за Захер Јуреидини (Република Чешка) за неговата работа во филмот „Морска сол“,

– „Козјак“, награда за најдобро сценарио се доделува на Пол Диглер и Рамон Лазаро од Шпанија за „Синкопат“,

– Награда за најдобар домашен (македонски) филм се доделува на „Само ѓаволот се плаши од вода“, во режија на Лидија Мојсовска,

– Награда „ФИЛМАЈ“ за најдобар краток филм се доделува на „Девет сантиметри“ во режија на Кирил Логинов.

Жирито одлучи следните филмови официјално да бидат прикажани на фестивалот, заедно со наградените: „Кутии“ (Република Македонија), „Сигнал за напојување“ (САД), „Фортисимо“ (Франција), „Лимоново дрво“ (САД). „Цицки“ (Норвешка), „Бабушки“ (Русија), „Шишиња“ (Мароко), „Изборот“ (Италија), „Бегство“ (Русија), „Вон сезона“ (Шпанија) и „Јуан од соседството“ (Шпанија). (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ФИЛМАЈ/Лидија Мојсовска

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука