Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Друштвото „Сефиданис“ го промовира „Споменикот на иднината“ – космонаутот на холографски пергамент од иднината ја донесе Глаголицата на Светите браќа Кирил и Методиј (Видео)

Охрид, 25. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на големиот празник на Св. Кирил и Методиј, Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид, синоќа ја промовираше својата најнова иновација „Споменик на иднината“.

Три метарскиот паметен тотем со футуристички изглед беше изложен во атриумот на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде бројни посетители од земјата и странство имаа можност да се запознаат со уникатната инсталација.

– Во црна стаклена призма која го симболизира просторно-временскиот континуум, заробен е космонаут во природни димензии на човек, кој претставува патник од иднината и кој со помош на вештачка интелигенција може да дава предвидувања со цел да го предупреди човештвото за предизвиците кои нѐ очекуваат, вели Проф. д-р Анис Сефиданис за OhridPress.

Патентираниот кориснички интерфејс на Сефиданис, покрај што овозможува непосредна комуникација со хибридот преку синтеза и препознавање на човечки говор, исто така во рамки на виртуелната сцена ја рефлектира и целата околина во која се наоѓа со помош на бројните сензори кои се инсталирани на паметниот споменик.

По повод празникот, космонаутот на холографски пергамент од иднината ја донесе Глаголицата на Светите браќа Кирил и Методиј, како надеж дека современите технологии можат да го конзервираат и пренесат во вечноста нашето културно и духовно богатство.

Проектот беше поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на повикот „Стартапувај-5“, а истиот го реализираше тимот на Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид, чиј основач и управител е Проф. д-р Анис Сефиданис.

Ова е само продолжение на активностите за спојување на древниот Охрид и новото време на „Сефиданис“. Во август 2022 година, на плоштадот на уметноста „Долна Порта“ во центарот на Охрид, беше промовиран дигитален паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид. Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии е дело на проф. д-р Анис Сефиданис и Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид и ни овозможи синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер. Станува збор за најсовремен производ кој е дел од новата Digital Humanities парадигма за новите, „паметни“ градови на иднината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: „Сефиданис“

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука