Вевчани, 26. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Домот на културата во Вевчани, КУД „Дримкол“ синоќа го одржа традиционалниот годишен концерт насловен „Од Битола до Вевчани, се’ сардисано“, годинава посветен на традиционалниот фолклор од југозападното играорно подрачје.
– Овој концерт ни е посебно драг бидејќи ја презентиравме традиционалната играорна култура на Брсјаците. Публиката со воодушевување ја прифати програмата и ја награди со силни аплаузи, истакнуваат од КУД „Дримкол“ од Вевчани, кои уште еднаш се докажаа дека се достојни чувари на традиционалната култура во Република Македонија.
Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани со своето долгогодишно постоење има оставено белег во македонската историја на традиционални уметнички вредности. Формирано е под името „Печалбар“, а подоцна се преименува во „Дримкол“ и од тогаш до денес континуирано и активно работи за негување и презентирање на сценско уметничките вредности со посебен акцент кон фолклорната дејност. Како национално богатство друштвото ја афирмира нашата држава онака како што доликува: квалитетно и достоинствено, а како доказ се освоените дипломи, награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали. Богатата изворна вевчанска носија, изворните инструменти, изворните кореографии го прават ова друштво едно и единствено, различно од сите други во Република Македонија. Но и покрај изворниот фолклор на репертоарот на ова друштво се наоѓаат и кореогравски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава. Друштвото денес има членови од 7 до 55 години, распоредени во составите кои работат во рамките на друштвото: фолклорните ансамбли, пејчката група, изворниот оркестар. КУД „Дримкол“ е класифицирано како друштво од Прва категорија во рамките на Министерството за култура на Република Македонија, класификација која од една страна претставува признание за долгогодишната успешна работа, а од друга страна и мотив за поголем придонес во развојот на Македонската култура и традиција. (Крај)
извор: Охрид1/ОхридПрес фото: архива