Охрид, 5. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески, кој е во притвор од 20-ти ноември минатата година е во добра здравствена состојба, дознава Супер радио од свои извори.
– Петрески се држи добро и психички и физички со оглед на околностите во кои се наоѓа во притворското одделение во Скопје, брифира нашиот извор.
Екс-градоначалникот на Охрид заедно со раководителите на секторите за туризам, сообраќај и комунални дејности во времето на неговиот мандат беа приведени во рамките на ноемвриската акција „Јагула“ како осомничени за злоупотреба на јавни набавки.
Супер радио се обрати и до општинската организација на СДСМ во Охрид од каде велат дека по желба на семејствата на притворените, но и по насоките на адвокатите, партијата нема да излегува со информации се’ додека трае истрагата.
– Истрагата се уште трае. Обвинение се уште нема, а тие се наоѓаат во притвор. Нејасно е, зошто и по две години не е покренато обвинение за да се знае зошто тие се уште се држат во притвор. Истрагата е започната уште пред две години додека Петрески беше се уште градоначалник на Општина Охрид, велат партиски извори од СДСМ.
Тие додаваат дека на осомничените во акцијата „Јагула“ веќе третпат им се одредува притворска мерка на што имаат сериозни забелешки дека се врши злоупотреба на мерката притвор.
Александар Петрески речиси два и пол месеци се наоѓа во притворското одделение во Скопје. Во акцијата „Јагула“ освен него беа приведени уште 13-мина од вкупно 16 лица за кои МВР се сомнева дека извршиле организиран криминал.
– Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР спроведе координирана акцијата со цел сузбивање на организирана криминална група, составена од 16 лица за кои постои сомневање дека во континуитет, во периодот од 2007 до 2013 година, биле инволвирани во криминални активности поврзани со злоупотреби при спроведување на постапки за јавни набавки спротивно на законските прописи со привилегирање и во корист на повеќе правни и физички лица блиски до членовите на криминалната група. Врз основа на обезбедените докази за криминалната активност на групата, како организатори фигурираат шест лица од Охрид на возраст од 38 до 59 години, додека како помагачи биле инволвирани уште 10 лица, од кои 9 од Охрид и едно од Струга, изјави во ноември минатата година, Иво Котевски портпарол на МВР. (Крај)
извор: Супер радио фото: архива