Скопје/Охрид, 28. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одржа констутитивната седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија, на која со 76 гласа „За“, шест против и без воздржани, новиот парламентарен состав го избра Африм Гаши од Алтернатива за нов претседател.
Пред изборот на Гаши, што беше четврта точка од дневниот ред, седницата започна со утврдување на дневниот ред и избор на Верификационата комисија. По ова беше дадена пауза, а по паузата и заседавањето на верификационата комисија, пратениците го усвоија нејзиниот извештај и ги верификуваа мандатите на сите избрани пратеници. Техничкиот премиер Талат Џафери, по верификацијата на мандатите, од говорницата истакна дека тој, до изборот на нова влада ќе ја извршува премиерската функција, а нема да учествува во работата на Парламентот.
Пратениците, потоа ја избраа и Комисијата за избор и наименувања, а потоа следуваше дебатата и гласањето по кое Собранието го доби и новиот претседател – Африм Гаши. Со денешната седница претседаваше најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.
Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бранат интересите на Охрид во новиот Парламентарен состав. Во 5 Изборна единица, дваесетте мандати се поделени меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Европскиот фронт, Коалицијата Вреди и ЗНАМ. Најмногу, 10, мандати обезбеди Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Покрај Сајкоски, од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието влегуваат и Олга Лозановска, Сашо Донев, Пеце Милевски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Мевмед Џафери, Кире Божиновски, Силвана Ангелевска и Грација Бакраческа. Јован Митрески од СДСМ обезбеди 4 мандати, од кои еден за себе и три за Бисера Костадиновска- Стојчевска, Митко Трајчулески, Боби Мојсоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес