Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети апостол Андроник

Охрид, 30. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат споменот на Свети апостол Андроник.

Бил еден од седумдесетте, роднина на светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и светата Јунија, помошничката на Андроник.

Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија. Со Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест.

Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).

Тропар

Светлината од исток стигна, до Панонските краишта преку тебе, о свети апостоле Андрониче, разобличувајќи ја лагата од овој свет, заедно со ревносната Јунија, ја растеравте маглата на незнаењето, приведувајќи кон Христа мноштво покајници, двојни венци добивте о апостоли и маченици Христови, молете го Спасителот на родот човечки, да ги помилува нашите души. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука