Охрид, 29. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во познатата Abstract Project Gallery во Париз, синоќа беше отворена самостојната изложба „Diving to the bottom“ на познатиот охридски уметник Сашо Блажески- Блажес.
– Авторот сака да пронајде место каде може да се сокрие, место за медитација и ослободување од реалноста преку влегување во длабоките води во потрага по апстрактните сенки на нашата реалност. За него, да се живее на брегот на Охридското Езеро, но и да се нурне во неговите мистични длабочини, е како да се нурне во најдлабоките делови на нашето битие, вели Маја Чанчуловска- Михајловска за изложбата на Блажес.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано четиринаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија.
Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки во Норвешка, Јужна Африка и Романија. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива