Охрид, 30. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со настапот на „Пијан Славеј“, еден од омилените места за излегување на повеќе генерации, охридскиот клуб Jazz Inn, денеска ќе го прослави 35. роденден.
– Во годината во којашто славиме 35 години постоење, со големо задоволство Ви закажуваме тет-а-тет средба со „Пијан Славеј“, музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата „Фолтин“, заедно со Пеце Трајковски, Славчо Јовев, и Андреа Мирческа/Гоце Јованоски, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите годинина минатиот век, порачуваат од Jazz Inn.
Песните на „Пијан Славеј“ се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови (од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе со енергијата која се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната, вели за нивната музика новинарот и публицист Љупчо Јолевски.
– Притоа, возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп сцена од седумдесеттите ( во интепретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на Зафир Хаџиманов…), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки, потенцира Јолевски.
Резервации на билети по цена од 400 денари можат да се направат на телефонскиот број 078/201491 или во клубот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива