Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Под мотото „Мојата МС дијагноза“ се одбележа Светскиот ден на Мултипла склероза 2024

Скопје, 30. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Светскиот ден на Мултипла склероза (МС) на тема „Мојата MС дијагноза“, Националното здружение за МС во соработка со Македонското невролошко здружение и двете студентски асоцијации, ММСА и ЕМСА, оваа година го одбележа со настан во Деканатот на медицинскиот факултет со цел да се насочи вниманието кон мултипла склерозата кај докторите специјализанти на Универзитетската Клиника за неврологија и студентите на медицинскиот факултет.

На настанот под наслов „Иднината на МС-фокус на младите невролози“ учество зедоа: Науч. сор. д – р Слободанка Саздова Бурнеска, д-р Бисера Цветковск, д-р Василка Николоскаи д-р Беким Ајдами кои зборуваа за болеста и нејзиното влијание врз поединецот, семејството и заедницата.

– Оваа година Светскиот ден на МС е под мотото „Мојата МС дијагноза“, се залагаме за рана и точна дијагностика и оваа година ме радува што малку поразлично го одбележуваме денот на МС, со настан токму за младите доктори и студентите по медицина, така што им го свртуваме вниманието кон мултипла склерозата како хронична болест. Како дел од настанот пет студенти беа вклучени да изведуваат активност – цртање, но чувствувајќи симптоми на МС: да цртаат со оптоварување на раката со тежина, со врзани прсти (симулирајќи спазам во дланките), со носење на заматени очила (симулирајќи симптом на оптички невритис). Студентите изјавија дека било крајно фрустрирачки да бидат оневозможени да изведуваат едноставна активност и дека сега имаат поголемо разбирање и емпатија кон лицата со МС. Годинава, упатуваме апел на идните здравствени чинители и останатите клучни фактори: „Во изминатите три години се соочуваме со недостапност на терапија за голем број пациенти со МС кои веќе се поставени на терапија. Во слична ситуација се и оние кои чекаат со месеци да добијат современ третман. Причините за оваа состојба може да се бараат во недоволниот буџет доделен на Клиниката за лековите за МС, кој не е променет три години, што резултира со немање доволно средства за набавка на лекови како за постоечките пациенти кои веќе се на третман неколку години, така и за новодијагностицираните. За жал бројот на новодијагностицирани пациенти со МС постојано расте, бидејќи секоја година се дијагностицираат нови 90-120 пациенти. Имено, околу 60 пациенти се на листата на чекање за примање на високоефикасна терапија. Овие лица се млади, работоспособни кои сѐ уште можат да го дадат својот придонес во општетсвото, но ако и понатаму останат без терапија согласно природата на самата болест постои ризик за прогресија и појава на неповратен инвалидитет, што од друга страна ќе се рефлектира со значителен товар врз самиот пациент и неговото семејство, а претставува и сериозна импликација и негативен економски импакт врз социјалниот, здравствениот и пензискиот фонд во подолг временски период. Цврсто веруваме дека идните здравствени власти ќе се фокусираат на решавање на горливите проблеми, како на пример: навремена дијагностика, адекватен и современ третман преку зголемување на достапноста на високоефикасните и иновативни лекови, кои не се луксуз, туку потреба и неопходност за лицата со мултипла склероза, вели Ана Карајанова Димитрушева, Претседател на Националното здружение за МС.

Светскиот ден на МС беше воспоставен од страна на MS International Federation (MSIF) и нејзините членки во 2009 година со цел да се здружи глобалната МС заедница заедно за подигање на свеста и кампања за подобрување на квалитетот на живот на лицата со МС. Светскиот ден на МС се одбележува секоја година на 30-ти мај. Настаните и кампањите се одржуваат во текот на месец мај во скоро 100-тина земји ширум светот.

Што е мултипла склероза?

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во Македонија од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,9 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи. Причината за МС сѐ уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

МС го прави животот непредвидлив за секого. За да дознаете повеќе за МС посетете ја нивната веб страница.

За Националното здружение за МС

Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната МС федерација (MS International Federation) и полноправна членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО). Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област. Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.

За да дознаете повеќе за здружението посетете ја нивната веб страница. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука