Охрид, 31. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно поминуваме покрај бројни места кои ги кријат најубавите приказни, кои се сеќавање на едно друго време, каде се раѓале пријателства, нови љубови и таги, места кои будат толку емоции кај охриѓани.
Да го запознаеме Охрид за повеќе да го сакаме на OhridPress, каде ви ги пренесуваме приказните за дел од најубавите локации и приказни од древниот град.
Црквата посветена на Света Софија, што значи Божјата Премудрост – Господ Исус Христос. Изградена е во X век врз темелите на ранохристијанска базилика. Кон крајот на X век, кога македонскиот цар Самуил ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид, таа била катедрална патријаршиска црква. Денешниот изглед е од времето на Охридскиот Архиепископ Леон (1037/56).
Оваа катедрална црква е еден од најголемите комплекси на фрескоживопис на византиската уметност во Европа, од XI век.
Фреските од XI и од XIV се од исклучително значење и тие наоѓаат место во сите научни изданија.Првобитно црквата имала само една главна купола, а во XIV век било изградено раскошното надворешно предворје. По својата првобитна форма, таа им припаѓала на трокорабни базилики со трансепт, купола и галерии на бочните бродови. Уште во XI век имала и припрата, а над северното и јужното одделение на олтарот биле формирани посебни капели.
Во втората половина на XV век црквата била претворена во џамија и тогаш биле извршени најголемите измени. Сите фрески биле покриени со вар, куполата на црквата е струшена и срамнета со покривот, додека пак старата олтарна мермерна преграда со пластична декорација била отстранета, и од мермерот во наосот кон југо-запад е подигнат мимбар, а над северозападните кубиња подигнати се минариња.
Веднаш по Втората светска војна биле преземени мерки, овој споменик да се зачува од натамошно пропаѓање. Во 1949 година започнало чистењето на фреските. Во текот на систематските работи со кои раководеле експертите на Заводот за заштита на спомениците на културата на Македонија, кои започнале во 1951 година, а завршиле шест години подоцна, биле откриени сите фрески и истите биле заштитени од натамошно пропаѓање. Од јужниот ѕид биле симнувани според најновите конзерваторски методи кои во тоа време се применувале во Италија.
Повеќе од шеесетина насликани фигури на најистакнати патријарси, епископи и ѓакони се распоредени на долните површини на сите делови во олтарскиот простор. Најбројни и најугледно место, во централниот дел на олтарот, се ликовите на поглаварите на Цариградската патријаршија: Свети Василиј Велики, Свети Јован Златоуст и Свети Григориј Богослов, насликани во долниот појас, меѓу прозорите на главната апсида.
Црквата Св. Софија во Охрид е Соборен храм на охридските архиепископи. Во неа е прогласено и возобновувањето на Охридската Архиепископија, во 1958 година. Во Св. Софија се востоличувале охридските архиепископи, а и сега во неа се востоличуваат поглаварите на Македонската Православна Црква. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес