Избор Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

ИПА Охрид во сабота ќе ја организира вело турата Охрид-Струга-Радожда

Охрид/Струга, 2. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид, во сабота, на 8-ми јуни 2024 година, ќе се реализира рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда.

Ова вело возење е во рамките на ИПА вело кампањата „На точак, Охрид и Струга да видам“, со кое, ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.

– Со оваа вело возење, сакаме да ги поттикнеме двата крајезерски града – идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација.
Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот, информираат од ИПА Охрид.

ИПА вело турата Охрид-Струга-Радожда станува се’ поатрактивна за вљубениците во велосипедизмот од Македонија, а од минатата година и за странски ИПА региони што учествуваа, со што, таа доби интернационален карактер.

– Возењето велосипед е љубов, спорт, потреба, рекреација, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки. Инаку, проектот за велоспиедско поврзување на Охрид и Струга датира од 2016 година од тогашниот Општински совет за безбедност во сообраќајот, кога е иницирана и идејата за вело патека Охрид-Св. Стефан-Пештани, потенцираат од ИША Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука