Струга, 3. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Основниот суд во Струга денеска треба да продолжи судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „Ауди А6“, вреден 67 илјади евра.
Судијката Надица Митреска ја одложи главната расправа на последното рочиште по барање на одбраната за целосен увид во списите. На последното рочиште не присуствуваше ниту обвинетиот, ниту неговиот полномошник, адвокатот Игор Петкоски.
Списите со предметот, како што појасни тогаш судијката во дигитален препис ќе му бидат предадени на адвокатот на обвинетиот на USB мемориски стик, на кој има 27 фајлови во PDF формат.
– Без претходно одобрување на Годишниот план за јавни набавки од страна на Советот на Општина Струга и без конкретната јавна набавка да биде предвидена во Одлуката за извршување на Буџетот на општината за 2018 година, спротивно на начелата на законитост и интегритет, како и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, со што прибавил имотна корист за носителот на јавната набавка и го оштетил Буџетот, изјавија од Јавното обвинителство за овој предмет.
Против актуелниот струшки градоначалник се поднесени четири обвиненија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива