февруари 6, 2015

Охрид, 6. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Хуманитарна помош во средства за хигиена, вода за пиење и прехранбени продукти собираа учениците од Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“.

Акцијата е наменета за помош на населението од поплавените подрачја во Македонија, а во неа се вклучија и професорите од оваа образовна установа.

И учениците од останатите училишта во Охрид започнаа вакви акции за помош на луѓето чии домови се поплавени. Акцијата во основното училиште „Братство“ ќе трае до 8-ми февруари, а во нејзини рамки можат да донираат сите хумани граѓани.

Помош собираа и нивни врсници од основното училиште „Христо Узунов“.

Во рамките на проектот , „Од дете за дете“, детската градинка „Јасна  Ристеска“ во соработка со родителите, Центарот за социјални работи и Министерството за транспорт и врски  реализира хуманитарна аукција на меки кукли. Со собраните средства е обезбедена вода за пиење која во соработка со АД „Пелистерка“ ќе биде дистрибуирана во градинките „Вера Циривири“, „Трена“ и „Астибо“ од Штип.

– Со надеж дека барем малку ќе им помогнеме на нашите другарчиња во градинките од Штип, во текот на наредните неколку дена во соработка со Црвениот Крст ќе се реализира собирна акција на парични средства од родителите и вработените во градинката кои ќе бидат наменети за поплавените подрачја од нашата држава, велат од детската градинка „Јасна Ристеска“. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука