јуни 3, 2024

Охрид, 3. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младите и талентирани музичари од ООМУ „Методи Патче“ од Охрид постигнаа врвни резултати на Меѓународниот натпревар „Тартини“ кој викендов се одржа во Пиран, Словенија, во чест и слава на виртуозот по виолина и композитор Џузепе Тартини.

Учество зедоа Антица Николоска (V одд.), Ана Кузманоска (VII одд.), Виктор Србиноски (VII одд.) и Лина Николеска (IX одд.), како единствени натпреварувачи од Република Македонија. Во силна конкуренција на учесници од 21 држава од светот, тие постигнаа врвни резултати во соло дисциплина и камерна музика.

– Клавирското трио составено од две виолини и пијано, во состав: Лина Николеска од класата на проф. Христина Пецакоска Николеска, Антица Николоска и Ана Кузманоска, освои висока втора награда на престижниот музички натпревар. Овие талентирани музичарки покажаа извонредна умешност и музичка чувствителност, што беше препознаено и од страна на стручната комисија. Нивниот успех е резултат на посветената работа и љубов кон музиката, а оваа награда е само почеток на нивниот блескав пат во светот на класичната музика. Младата виолинистка Антица Николоска постигна забележителен успех, освојувајќи ја втората награда на овој натпревар. Под менторство на професорот Мухамед Бајрам, Антица се истакна меѓу учесници од 21 земја, покажувајќи извонредна техничка умешност и музичка изразност. Оваа награда претставува значајна точка во нејзината музичка кариера. Инзвонредниот виолинист Виктор Србиноски, под менторство на проф. Елица Рашкова, освои прва награда на истиот натпревар. Виктор се истакна со својата виртуозност и музичка зрелост, што му донесе заслужена прва награда меѓу големата конкуренција. Пијанистката Ана Кузманоска под менторство на проф. м-р Ана Ѓорѓиоска, со впечатлив настап го импресионираше реномираното интернационално жири составено од еминентни професори од Русија, Шпанија, Австрија и Србија. Во голема конкуренција на учесници, Ана освои висока втора награда, со која повторно го докажа својот импресивен музички талент, информираат од ООМУ „Методи Патче“ од Охрид.

Додаваат дека овие успеси на младите музичари се голема инспирација и гордост за нашата музичка сцена. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука