Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Во охридско се негува силен култ кон свети Јован Владимир

Охрид, 4. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети великомаченик кнез Јован Владимир, кој има силен култ во западна Македонија.

Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара се здобил со силен култ во западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како главата си ја држи во рацете.

Култот кон свети Јован Владимир бил силен и во Охридско. Во составот на манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец имало камбанарија што го носела името на свети Јован Владимир. Според преданието дел од моштите на свети Јован Владимир тука биле донесени од Елбасан. Народот ги бакнувал, а потоа биле заѕидани во темелот на црквата.

Cruise to St.Naum – ARMADA BOAT

Култот кон Свети Јован Владимир многу бил раширен во Голо Брдо, област населена со Македонци, по делбите на Македонија останат во Албанија. „Во некои села многу се раскажува за Св. Јован Владимир,  во чиј манастир кај Елбасан оделе луѓето од Стеблево, Себишта, Гиневац, Клењ, Борово, Окштун и Забузун. Во тој манастир се одело на 24-ти јуни, потоа во есен и во зима, а покрај православните оделе и муслимани. Свети Јован, кого на арбанашки начин го викаат Шин Ѓон, го сметаат за чудотворец.

Еве што се раскажува за него:

Св. Јован бил владар и зет на некој цар. Потоа го наклеветиле кај тестот дека е женскар. А тој бил светец. Тестот се налутил на него и тргнал со војска на него. Го нашол на Кафа Сан меѓу Струга и Елбасан. Ја извадил сабјата, но сабјата не можела да го пресече. Свети Јован му ја дал својата сабја, и со неа неговиот тест го исекол. Со отсечената глава што ја носел во рацете одел Св. Јован до местото каде што сега се наоѓа неговиот манастир, а каде што имало еден даб. Кога Св. Јован дошол до него дабот му се поклонил и тука Владимир паднал. Потоа тука е подигнат манастирот. Уште, се раскажува дека  за време на Втората светска војна Италијаните сакале да го однесат кивотот на Св. Владимир, но не можеле да го кренат. Очигледно повеќе претстави од народното паметење нашле место во овие преданија. (Крај)

извор: МИА/Марко Китевски фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука