Скопје/Охрид, 5. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поранешни пратеници од Охрид се на листата, која до овој момент брои 29. народни избраници пријавени за да добиваат апанажа од државната каса во текот на следните 12 месеци.
Најголемиот дел од нив, 21 пратеник се од СДСМ и коалицијата, меѓу нив се и партискиот портпарол Дарко Каевски, Жаклина Лазаревска, Лазе Таневски, Ненад Коциќ, Диме Велковски, Санела Шкријељ, Маја Морачанин од ДОМ…
Од ВМРО-ДПМНЕ апанажа побарале двајца- Игор Јанушев и Мирче Аџиоски, четворица од Алијанса за Албанците, од кои една е најмладата пратеничка од тој состав, Артана Ќазими, која ниту еднаш не зема збор на говорница, од ДУИ само еден поранешен пратеник, Бајрам Кадрија, а на списокот е и Кастриот Реџепи, кој на јавноста и стана познат откако исчезна во пресрет на гласањето за недоверба на Владата пред 3 години.
Овој број може и да не биде конечен, бидејќи според информациите од Собранието, вкупно 57 пратеници од минатиот состав имаат право на апанажа, а рокот за поднесување барања завршува на 28-ми јуни.
Освен за апанажите, собраниската комисија за избори и именувања, одлучуваше и го прифати барањето на поранешниот претседател Стево Пендаровски, кој по изборите одлучи да се откаже од пензија по завршување на функцијата.
Собраниската комисија ги прифати и предлозите на партиите за состав на две други комисии- за политички систем и законодавно-правната кадешто за претседатели се избрани пратениците од новото владејачко мнозинство, Љупчо Пренџов и Александар Вељановски. Токму на овие комисии се очекува да биде разгледан законот за организација на државна управа со кој се планира трансформација на министерствата, најавен за деновиве, пред избор на новата Влада. (Крај)
извор: ОхридПрес/Канал 5 фото: архива