ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Еколошката свест сѐ уште ни е на ниско ниво, да направиме сите по малку за здрава и чиста животна средина

Охрид, 5. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Еколошката свест на локално и на централно ниво мора да се крене на едно повисоко ниво. Потребно е сите заедно да придонесеме за чиста животна средина.

Ваквите констатации се во ред, но дали и колку се прави за нивно реализирање во пракса.

Ако се земат предвид расфрланото ѓубре и мини депониите „никнати“ на несоодветни места, грижата за Охридското Езеро што при поголеми бранови на брегот ја исфрла еко културата, доаѓаме до заклучок дека еколошката свест сѐ уште ни е на ниско ниво.

И понатаму продолжува неодговорното однесување на поединци, кои фрлаат ѓубре и отпадоци каде ќе стигнат.

Дивите депонии создадени од несовесни граѓани и понатаму се проблем што тешко се надминува. При последната акција на ЈП „Охридски комуналец“ деновиве беа расчистени мини депонии мапирани во населбите Даљан и Воска и на улиците „Гоце Делчев“ и „Ариф Мустафа“, при што биле подигнати 24 м³ отпад. И ова е само последната од низата вакви акции спроведени периодов наназад. Извадените пак метални конструкции и автомобилски гуми, делови од покуќнина од дното на Охридското Езеро се приказна за себе и слика што воопшто не ја заслужува нашиот бисер.

Во Уставот на Република Македонија е пропишано дека секој човек има право на здрава животна средина, но и секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата.

Па, ајде да направиме сите по малку во напорите да имаме здрава и чиста животна средина. Тоа не е воопшто тешко бидејќи можеме, а за жал, секоја чест на исклучоците, го покажуваме кога сме во некоја странска земја, каде ваквото неодговорно однесување се казнува. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука