ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Празници Струга ТОП ВЕСТИ

Отец Димоски: Канонизацијата на Спасе и Спаса Вишенски е знак дека црквата во Македонија е жива, ќе се празнуваат во неделата пред Спасовден

Охрид, 6. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота и недела, на 8-ми и 9-ти јуни, во струшкото село Вишни и во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи свечениот чин на канонизација на Спасе и Спаса Вишенски.

Синодот на МПЦ-Охридска Архиепископија ги вброи во редот на светиите, а со канонизацијата ќе заврши еден процес што трае веќе еден век.

По повод овој голем и важен настан разговараме со протојереј-ставрофор Александар Димоски, кој појаснува што опфаќа процесот на канонизација, што значи овој настан за православието и кој ден е избран како празник на Спасе и Спаса Вишенски.

Супер радио: Ни претстои голем и значаен настан за православието, Синодот на МПЦ-Охридска Архиепископија ги вброи во редот на светиите Спасе и Спаса Вишенски. Па кажете ни што опфаќа процесот на канонизација?

Отец Димоски: Синодот на МПЦ-ОА уште пред Велигден доднесе одлука овие двајца светители Спасе Вевчански и Спаса Вишенска да бидат впишани во бројот на светиите. Канонизација или во денешна смисла што значи некој да биде канонизиран за светител. Со самата канонизација црквата на еден свет човек не може ниту да му додаде ниту да му одземе туку напротив со канонизацијата црквата ја повикува целата православна екумена да учествува во славењето на новите светители. Тоа е всушност денешниот процес на канонизација, кога црквата препознава светост во некои, како такви почитувани од народот и им одредува ден за нивно прославување и ги повикува сите свои верни чеда да учествуваат во тоа славење. Пред да се случи тоа, претстои еден процес. Главен критериум за некој да биде прогласен за светител или да биде почитуван за светител на црквата е тој да биде таков почитуван и од народот, тоа е појдовна точка. Овде се сретнавме со култ на двајца веќе постоечки светители нормално дека црквата го испита нивниот живот и откако се увери во нивната светост после големиот број чуда направени по нивните застапништва, ја донесе одлуката да им се одреди датум на прославување, што ќе биде секогаш во неделата пред Спасовден, датумот ќе се менува, а денот не.

Супер радио: Кои биле Спаса и Спасе Вишенски?

Отец Димоски: Спасе и Спаса се светители од османлискиот период. После Маричката битка особено православните народи биле особено изложени на терор и може да кажеме дека е вториот златен период на црквата во кој раѓа голем број маченици. Затоа овој период на новомачеништвото може да го споредиме со оној период од првие векови на црквата кога римските власти ги гонеле христијаните. Слично било и во османлискиот период. Тогаш голем број христијани не сакајќи да се откажат од христијанската вера биле подложувани на различни искушенија, биле и убивани. Света Спаса според преданието што народот го зачувал знаеме дека пострадала маченички и се закитила со двоен венец, како што вели нејзиното житие. Таа не сакајќи да ја осквернат османлиите, сакајќи девствена до крај да му остане верна на својот Господ, ќе пострада маченички не откажувајќи се од својата вера и затоа ја вбројуваме во редот на девствено маченички. Свети Спасе е светител кој исповеднички ќе го заврши својот живот, односно цело време ќе биде измачуван поради Христос и верата. Господ ќе го удостои со долг живот и на крај мирно ќе се упокои, бидејќи ќе биде потребен за народот. Затоа овие двајца како светители од османлискиот период може да ги вброиме и во новите светители на црквата.

Супер радио: Моштите на Спаса Вишенска се чуваат во црквата „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни. Со какви сè други материјали за светиите располагате?

Отец Димоски: Како што кажав, кога се канонизира еден нов светител секогаш појдовна точка е култот што народот го има кон тој светител. Така беше и во овој случај, дури овде црквата беше највнимателна во однос на други претходни канонизации, како народот ги почитува овие двајца светители. Моштите на Св. Спаса се откриени уште во 1927 година во пештерната црква на Вознесението Христово под село Вишни и се откриени на чудесен начин. Имено, една жена од Долна Белица, струшко, добива во видение повик од Св. Спаса да оди и да ги открие нејзините мошти. Таа жена по име Марија во тоа време била парализирана, па со помош на нејзиниот син се искачува во пештерната црква, ги открива моштите и кога ќе се допре до нив се исцелува. Тоа е всушност првото чудо што знаеме дека Св. Спаса го направила. Потоа една друга жена чиј маж ќе биде исцелен, во знак на благодарност кон Св. Спаса ќе порача по нејзиниот татко кој тогаш работел во Романија, една сребрена маска, ќе ја стават на черепот на Св. Спаса и до денес стои таму. На Спасовден народот се собира во Вишни, ги мие моштите на Св. Спаса и девојки кои не можат да се мажат или кои сакаат да стапат во брак, ги носат моштите до пештерната црква, прават литија и се враќаат назад. Црквата сето ова го гледаше прво како народот ја почитува оваа светителка и последните години се вклучивме во овој настан и видовме дека народот има изградено прекрасен култ кон една светителка. Црквата одреди овие светители да се викаат Спасе и Спаса, што историски нем може да потврдиме дека се нивните вистински имиња. Но, бидејќи нивниот култ е поврзан секогаш со празникот Спасовден, затоа црквата одреди овие имиња да им се дадат. Ова не е прв пат да се прави во историјата на православната црква, на светител да му се даде име што е поврзано со неговиот живот. Додека пак за Св. Спасе во Вевчани има неколку светилишта, посветени на Вознесението Христово. Интересно е што еден таков храм што се наоѓа над селото и го викаат Горни Св. Спас на крај на 2022 година беше откриено дека храмот е всушност изграден на разурната пештерна црква. Тоа ни кажува дека народот свежо го зачувал култот на овие двајца светители. Интересно беше што во текот на истражувањата професорот д-р Виктор Недески, кој го пишуваше жититето и службата, откри две писма, во кои се кажува каков бил одност на османлиските власти кон месното христијанско население. Францускиот конзул напишал дек е убиена една девојка во струшко, а пак британскиот конзул во Битола пишува дека месното население во Вевчани е често малтретирано и истакнува дека еден човек постојано го фаќаат, го тепаат и повторно го пуштаат. Можеби тоа не е Св. Спасе не можеме да сведочиме, но гледаме каков е односот кон месното население. Кога во колективната меморија се зачувал еден ваков спомен, тоа не е случајно. Многу луѓе доаѓаат да побараат помош од Св. Спаса, пред нејзините мошти. По природно е за нас ако има некаде мошти да одиме таму и да се сретнеме физички со светителот. Затоа можеби поголем е култот на Св. Спаса затоа што има каде да одиме да се помолиме.

Супер радио: Има ли раскажани, посведочени чуда поврзани со Спаса и Спасе Вишенски?

Отец Димоски: Во книгата што ја издаваме професорот д-р Виктор Недески има собрано триесетина чуда. А чуда секојдневно се раскажуваат, дека постојано доаѓаат луѓе и кажуваат како им помогнала Св. Спаса, доаѓаат луѓе што кажуваат како добиле чеда откако дошле да се помолат на Св. Спаса, девојки што се омажиле откако ги носеле нејзините мошти… Постарите жители на Вевчани и на Вишни знаат за светлината што се кревала од храмот Горни Св. Спас во Вевчани и заминувала кај Св. Спаса во Вишни, тоа го потврдиле многумина и сите идентично го раскажуваат.

Супер радио: Свечениот чин на канонизација ќе се случува овој викенд, во селото Вишни и во Охрид. Што значи овој настан за православните верници и што ќе се случува?

Отец Димоски: Во сабота, на 8-ми јуни во 16:00 часот ќе започне вечерна богослужба во Св. Атанасиј во Вишни, потоа ќе ги измиеме моштите на Св. Спаса, се пее молебен канон кон светителот, ќе ги ставиме во нов кивот/кутија и после тоа ќе ги донесеме во Охрид. Во Охрид пак во 17:00 часот ќе започне вечерна богослужба, во 18:00 е предвидено да стигнат моштите на Св. Спаса, Владиката г. Тимотеј ќе ги пречека и ќе отслужиме последен парастос. Следниот ден после пречекот на архиереите, на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан во храмот Св. Софија ќе биде прочитана одлуката за канонизација на овие двајца светители, ќе се поклониме пред иконата и моштитена Св. Спаса и тоа е чинот на канонизација. Моштите на Св. Спаса во недела цел ден ќе бидат во храмот Св. Софија. Ќе имаме гости од други помесни православни цркви од соседството, тоа значи дека култот за овие двајца светители ќе се прошири и надвор од нашите граници.

Супер радио: И за крај, кој ден/датум е избран како нивни празник?

Отец Димоски: Нивни празник ќе биде неделата пред Спасовден. Знаеме дека Спасовден е 40 дена по Велигден, значи нивниот празник ќе биде секогаш во шестата недела после Велигден. Датумот ќе се менува, но денот ќе остане недела. Тоа зависи од Велигден, што може да се падне во временска рамка од 4-ти април до 8-ми мај, па зависноод тоа така ќе се менува и празникот на двајцата светители. Мудар беше предлогот на Владиката овие двајца да се прославувата поврзано со празникот Спасовден за да не се целосноизгуби народната меморија, бидејќи народот неслучајно си ги поврзал со тој празник. Затоа и црквата донесе ваква одлука. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука