Охрид, 7. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Документарниот филм „Охрид, Охрид, убав мил“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски неделава беше прикажан пред учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
– Документарен филм изработен од страна на Илија Пиперкоски, во кој се зборува за настанување на песната „Охрид, Охрид, убав мил” и низ прекрасен наратив можеме хронолошки да се запознаеме со тајфите и трубадурите кои негувале чалгиска музика и животот на охриѓани преставен преку испеаните песни. Воедно, може да се слушнат интервјуа од учесници кои сведочат за настанувањето на песната „Охрид, Охрид, убав мил” во кои тие зборуваат за инспирацијата, мотивите и континуитетот кој го имаме денес. Навистина многу убаво и поучно искуство за нив, порачаа од охридската Гимназија.
Како заокружување на активностите за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот, во декември минатата година се одржа премиерата на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски и охридски режисер Илија Пиперкоски. Повеќе за новото дело на Пиперкоски од интервјуто кое тој го даде за Супер радио и OhridPress. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива