јуни 8, 2024

Охрид, 8. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид денеска е домаќин на првиот турнир од новата Јадранска Текбол лига. Најдобрите текери од регионот ја започнаа битката за „Јадранска круна“ токму во бисерот на Република Македонија.

Во Спортската сала „Билјанини извори“, покрај претставниците на пет земји од регионот Република Македонија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, специјални гости беа и претставниците од Грција.

На натпреварот учествуваше и еден од нашите најдобри текери, македонскиот репрезентативец, охриѓанецот Димитар Пејчиновски, кој стигна до 1/4 финалето во сингл и дубл.

Во сингл загуби од првиот носител Богдан Маројевиќ од Србија, додека во дубл од екипата на „Борац“ од Србија.

На првиот од петте планирани турнири на Adriatic Teqball League (АTL) за оваа година, се игра во две категории, машки сингл и машки парови, а предвидениот награден фонд е 2.000 евра. Натпреварот се одржува во две фази, една денеска во Спортската сала „Билјанини извори“, а другата фаза се игра вечерва на Градскиот кеј „Македонија“.

Покрај турнирот, во рамки на АТL, Охрид вчера беше домаќин на регионалниот семинар за судии, на присутните имаа можност да станат помошни судии. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука