Охрид, 9. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно поминуваме покрај бројни места кои ги кријат најубавите приказни, кои се сеќавање на едно друго време, каде се раѓале пријателства, нови љубови и таги, места кои будат толку емоции кај охриѓани.
Да го запознаеме Охрид за повеќе да го сакаме на OhridPress, каде ви ги пренесуваме приказните за дел од најубавите локации и приказни од древниот град.
Антички театар
Античкиот театар е лоциран во подножјето на источната косина на повисокиот охридски рид, под Самоиловата крепост, во непосредна близина на еден од главните влезови во утврдениот град-Горна Порта, од каде што се доловува незаборавна глетка на Охридското Езеро и на планините што го опкружуваат.
Бил изграден пред повеќе од два милениуми, некаде на крајот на III или почетокот на II век, во периодот на доцнежниот хеленизам и бил наменет за прикажување на драмски, музички и поетски претстави на љубителите на театарската уметност.
Бил граден по угледот на прочуените грчки камени градби од овој вид, со богата архитектонска декорација, особено на театарската зграда која што била украсена со фриз од барелјефни плочи на кои биле вклесани сцени од животот на боговите. На две такви мермерни плочи, кои денес се чуваат во Охридскиот музеј, претставен е богот Дионис во друштво со Музите.
Некои од тогашните градски првенци имале закупено и сопствени седишта во театарот и така, денес ние дознаваме за Крисп и Топос како големи љубители на театарската уметност бидејќи нивните имиња сè уште стојат врежани во камените блокови од седиштата. Веднаш по римските освојувања на овие краеви во 148 година п.н.е., театарот, најверојатно за исклучително кратко време, бил приспособен за потребите на римскиот начин на живеење. Објектот бил преуреден во театарски простор со арена за гладијаторски борби и борби со диви ѕверови при што неколку од долните редови седишта биле урнати и на нивно место биле изградени неколку кафези за животните, а орхестрата со почесните седишта била заградена со заштитен ѕид. Подоцна во горната, надворешна зона бил изграден епитеатрон, со што капацитетот на театарот се зголемил до 5000 гледачи.
Се смета дека со еуфоријата што настапила во почетокот на IV век од новата ера, кога св. Еразмо Антиохиски, првиот христијански мисионер што дошол во Охрид, преобратил во христијанство 25.000 луѓе, биле разурнати сите пагански објекти во градот. Најверојатно во тие разурнувања страдал и театарот, а материјалот од неговите седишта и другите објекти подоцна бил користен за градење на ранохристијански базилики и многу други сакрални и профани објекти.
Првите претпоставки дека во античкиот Лихнид (денешниот Охрид) постоел театар, ги дал рускиот историчар на уметноста Никодим П. Кондаков на самиот почеток на XX век, а веќе во текот на 1935 година, кога биле извршени првите археолошки ископувања, тие претпоставки биле потврдени и театарот бил делумно откриен. Подоцна, за време на ископувањата вршени во периодот 1959-1960 година, била одредена точната локација и големината на театарот.
Со систематските ископувања, започнати во 1977 и по прекин од шест години продолжени во 1984 година, констатирани се местата каде што се наоѓаат влезовите и театарската зграда, орхестрата со почесните седишта и протегањето на арената, а откриени се и девет редови од седиштата.
Во текот на 1999 година започна проектот за негово целосно откривање и ставање во функција, а од 2001 година на сцената на отворениот реконструиран простор на античкиот театар повторно, по дваесет векови, се одржуваат драмски претстави, музички приредби и разни други манифестации. (Крај)
извор: muzejohrid.mk фото: muzejohrid.mk