Охрид, 10. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во големата сала на Општина Охрид се одржа промоција на книгата „Охридски писатели за деца и младинци“ од авторите проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Станува збор за деветтата по ред книга којашто е дел од едицијата „Охридско книжевно наследство“ што ја издава градоначалникот Кирил Пецаков и Општина Охрид.
– Се’ во едно – Вака некако со два збора може да се опише најновиот труд на Пандев и Ѓорѓо Димоски затоа што многу умешно на 260 страни е срочено целото поетско и прозно тбворештво за деца и млади по кое што е одбележана македонскатака творечка ризница. На страниците на книгата ќе ги пронајдете најубавите песни и раскази напишани од перото на Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Евтим Спространов, па низ страниците на првите македонски повоени весници ќе дојдете до писанијата на нашите драги: Ванчо Николески, Борис Бојаџиски, Живко Чинго, Видое Видически, Бошко Смаќоски, Трајан Петровски, Светлана Христова Јоциќ, Смиле Наумоски-Брсјак, Бранко Цветковски и многу други. Сето наше литературно богатство за деца и млади е сконцентрирано во оваа прекрасно уредена книшка и токму затоа сметам дека секој што има дете треба во својата домашна библиотека да ја имаат токму неа. Затоа што правилното описменување и литературно издигнување на секој македонец е токму со читањето на делата од горе споменатите великани. На оваа средба, да споменеме дека денес се одбележува годишнина од раѓањето на нашиот Ванчо Николески. Човекот со мили кафени очи чиј глас имаше моќ да ги стиши и најбунтовните говорници. „Ванчо љубезно разговараше со младо и старо и одеднаш на сите им стана омилен. Дури и кога во класот беше најголема врева, штом Ванчо започнеше да говори, другите се подбутнуваа и вревата веднаш стивнуваше. Ако му побараше некој книга , тој со радост ќе му ја дадеше и ќе почнеше да раскажува работи, непознати, чудни и убави…. Сите го слушаа…“ Вака некако го паметат оние што го запознале него, творецот на првата македонска стихозбирка за деца „Македонче“. Како што ќе рече познатиот Борис Бојаџиски „Многу писатели правеле опити да пишуваат за деца, но тоа не им одело од рака“ затоа што таа волшебна моќ да се одвлече вниманието на децата и младите, да се допре во нивната фантазија го имаат малкумина, оние чии најпознати дела се токму на страниците од книгата за која денес ја организиравме оваа средба. Затоа упатувам благодарност до авторите Пандев и Ѓорѓо Димоски што ни го подарија овој прекрасен труд, да ни сте живи и здрави, а честа ќе биде наша да читаме ваши нови дела, порача заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски.
Промотор на книгата беше м-р Ирена Бачиќ. Пред присутните се обрати и поетот Смиле Наумоски Брсјак кој со свои творби е застапен во делото. Беше прочитано и излагањето од претседателот на Балканско детскиот младински камп „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески“, Веле Митаноски. Уредник на книгата е Митре Велјановски. Трудот е објавен во тираж од 300 примероци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива