Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Антикорупциска ќе бара одговорност од министерот Демири: Незаконски ги разрешил Шокаровски и Петровски

Скопје, 10. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство, Илир Демири незаконски ги разрешил директорот на кардиохиругија Марјан Шокаровски, како и медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петровски.

Според антикорупционерите, при разрешувањата, министерот прекршил два закона.

Во случајот со Шокаровски, претседателката на Антикорупцика објасни дека Демири не го почитувал Законот за здравствена заштита според кој најпрвин управниот одбор на установата треба да утврди основи за разрешување, а потоа и здравствениот совет да даде предлог за тоа. Тука, ниту одборот увидел основ, ниту советот доставил предлог, па Демири своеволно донел одлука да го тргне од функцијата. Спорно е и тоа што разрешувањето се случи во период кога изборниот процес не беше целосно завршен, со што ги прекшил Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.

– Донесено е решение за разрешување на директорот пред истекот на времето за кое е именуван во период кога се уште не бил завршен изборот за пратеници во Собранието. Дополнително од фактичката состојба за случајот, Државната комисија утврди дека постапката за разрешување на директорот не била спроведена во согласност со законот за здравствена заштита. ДКСК за овој предмет ќе покрене иницијатива за одговорност до надлежните органи, вели Татјана Димитровска, претседател на ДКСК

Истите закони Демири ги прекршил и при разрешувањето на Петровски од Токсикологија. Незаконски се и договорите на дело кои беа потпишани само од организациската директорка, Бесија Иљази. Затоа ќе се бара одговорност и од неа.

– Договорите за дело со 11 здравствени работници во Јавната здравствена установа се склучени спротивно на член 109 став 2 од законот за здравствена заштита каде што е наведено дека актите, финансиските документи од заедничка надлежност на директорите на ЈЗУ ги потпишуваат двајца директори. Како и спротивно на став 3 кој вели дека актот или финансискиот документ кој е потпишан само од едниот директор, истиот се смета дека не е потпишан, вели Цвета Ристовска, член на ДКСК. (Крај)

извор: Тв Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука