Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Поради најавите за топлотен бран, Владата одржа вонредна седница и излезе со препораки до граѓаните и работодавачите

Скопје, 10. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија, на барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница, поради најавите за топлотен бран во државава и донесе соодветни препораки.

Од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека во вторник, на 11-ти и среда, 12-ти јуни 2024 година, територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза.

Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, за вторник и среда, согласно коишто е предвидено:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;

2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;

4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Во овој период, вторник, на 11-ти и среда, 12-ти јуни 2024 година, најавено е и дека териториите на Скопскиот и Вардарскиот регион ќе бидат зафатени од високи температури, но од жолта фаза (алерт – подготвеност). Во овие региони ќе важат општите препораки, коишто ќе ги соопшти Министерството за здравство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука