Охрид, 11. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Водата во Охридското Езеро од македонска страна е со највисок квалитет, односно прва прва класа, истакна на денешната прес конференција директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков.
Центарот и годинава пред почеток на туристичка сезона изврши анализи на квалитетот на водата од Охридското Езеро и сите оние реки или критични точки што се вливаат во езерото. Земени биле примероци од 39 локации на потегот од Св. Наум до Радожда. Благодарение на високата моќ на самопречистување на Охридското Езеро што не е бесконечна, сите оние примерови земени од крајбрежниот дел 15 метри од брегот се со одличен квалитет, нема вода што е под втора класа, сите се прва, само еден од втора, значи може да се користат за капење, спорт и рекреација.
Потенцира дека Охридското Езеро не може бесконечно да трпи притисок од загадување. Најголема деградација, односно опаѓање на квалитетот што не е ништо ново, има во реките што се вливатат во езерото, Велгошка, Коселска и Сатеска, водата од микробилолошки квалитет е незадоволителен, а хемиски спаѓа на трета класа, што значи дека сите овие реки се потенцијални загадувачи на Охридското Езеро.
– Исто така имаме и една критична точка кај мостот, кај едриличарскиот клуб, близу хотелот „Милениум“, каде постојано години наназад има цевка што се влива во каналот „Билјанини извори“ и потоа го загадува езерото. Примерокот вода земен од цевката е од петта класа и незадоволителен, додека примерокот од самиот канал е од трета класа хемиски, а микробиолошки е незадоволителен. Тоа е загадување што го оптоварува еко системот на езерото, рече Точков.
Тој истакна дека состојбата сега е ваква, но се очекува во јули и август пред сé заради поголемиот број на гости што ќе престојуваат покрај брегот и ќе го оптоварат колекторскиот систем, што е со ограничен капацитет, да имаме полош квалитет на водата.
– Во екот на сезона најголемо загадување е забележано во делот кај Трпејца и онаму каде нема колекторски систем луѓето што ги користат тие капалишта се жалат на одредени кожни промени или стомачни тегоби. Не можеме да ја најдеме поврзаноста, но факт е дека тие објекти, селата од Пештани па нагоре не се вклучени во колекторскиот систем и отпадната вода оди во езерото. Лани имавме деградација на дел места кај Радожда, кај Калишта, во екот на сезоната, очекуваме и годинава да е така, нема колекторски систем, фекалните, отпадните води од куќите од објектите, угостителските објекти што опслужуваат гости завршуваат во езерото, некогаш тоа ќе се покаже, не секогаш може да се фати загадувањето, но тоа оди во езерото и тоа значи менување на флората и фауната во езерото, вели Точков.
Подвлече дека има најразлични проекти за поврзување во колекторскиот систем како и за намалување на оптоварувањето на езерото, но тоа не е доволно. Треба да се работи меѓудругото и на свеста и едукацијата на луѓето, да се ограничат градбите и сѐ она што може да го оптовари езерото и колекторскиот систем.
– Треба да се работи на свеста и едукацијата на луѓето, да се ограничи бројот на гости кои ќе можат да оптоваруваат, да се ограничат градбите… сѐ она што може да го оптовари езерото и колекторскиот систем што има ограничен капацитет, што одамна е веќе надминат и не може да ги опслужува сите оние притисоци од угостителските објекти, станоиздавачите, зградите. Секако, сите се добредојдени, но мора властите во градот да размислуваат нешто да се менува во овој дел, вели Точков.
Тој информира дека во проектите што ги работи шпанска влада, веќе се при крај фазите за избор на локација и изработка на пречистителни станици за Подмоље, Љубаништа и Радожда. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес