јуни 13, 2024

Вевчани/Охрид, 13. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Христовото вознесение Спасовден, кој се паѓа четириесет дена по Велигден, а во Македонија има голем култ. Именден денеска празнуваат: Спасе, Спасија, Спаска…Обичаи и легенди за Спасовден во Вевчани

Спасовден (Вознесение Христово) во Вевчани се слави три пати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни). Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него.

Vevchani to Monastery of St Spas (2 h) – My Macedonia Blog

Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот. Тоа се случило многу одамна кога во селото настанал помор на добитокот. Заради неговата заштитничка моќ, култот кон овој светец се проширил и кај другите жители од околните населби, особено во селото Велешта кое е од исламска вероисповед.

А еве како се случило тоа:

Во селото Велешата пцовисувале кравите. Некој велештанец си работел на нивата ноќе. Одеднаш забележал како се дигнал син пламен од над Велешта и се упатил над полето вевчанско. Тогаш одозгора од кај планината над Вевчани му се пуштил црвен пламен. И тие двата се тепале, се тепале како петли кога се бијат. Тогаш синиот пламен паднал на земјата, а црвениот се вратил назад кон планината.

Утредента уште рано во Вевчани дошол човекот кој го видел тоа и им го раскажал на Вевчанци. А тие го прашале: „Веруваш ли ти во тоа?“ „Зошто да не верувам, рекол тој, кога јас го гледав цело време“. „Е, ако уште не ти пцовисале кравите твои да ги донесеш во Вевчани“, му рекле луѓето. Човекот го сторил тоа и така си ги спасил кравите.

Ете заради тоа почнале да го празнуваат овој ден Вевчанци, а култот кон Св. Спас го прифатиле и другите.

(Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002)

извор: Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука