Охрид, 13. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа беше претесен просторот на летната сцена во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, да ги собере сите љубители на театарската игра, кои вчера дојдоа да „вдишат театар“ и бидат дел од отворањето на деветтото издание на Меѓународниот Аматерски театарски фестивал „Вдиши Театар“.
Како предвесник на охридското културно лето, во организација на Црвен крст Охрид, оваа манифестација се реализира од 12-16 јуни во Охрид.
Блескав настап имаше театарската група на Црвен крст Охрид која ја изведе театарската претстава „Утре“ во режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц и кореографија на Даниел Наумоски.
Нашите млади, талентирани актери, на креативен и многу реален и сликовит начин ја прикажаа вербата, надежта и борбата за подобро утре, соочени со силните притисоци и контрола од страна на моќниците – „окото“.
Втората вечер од театарскиот фестивал е резервиран за две театарски претстави во Центарот за култура „Григор Прличев“. Со почеток во 19:00 часот театарската група на Црвен крст Бар, Црна Гора ќе ја прикаже театарската претстава „Потрага по изгубеното богатство“, а во 21:00 часот ќе настапат актерите на Црвен крст Крагуевац, Србија, со театарската претстава „На нив, за нив“.
Влезот за сите претстави е слободен. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива