Охрид, 13. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков денеска се сретна со тенисерките Ана Спасеска и Маја Џајкоска кои освоија златен медал на Државното првенство по тенис што се одржа во период од 1-ви до 4-ти јуни во Тениската академија Аеродром во Скопје.
Двете млади спортски надежи од Охрид кои доаѓаат од ТК „Адвантико“ , Спасеска и Џајкоска беа најдобри во категоријата Јуниорки за двојки. Тие успеаа да ги соборат Ведрана Танеска и Марија Попоска од ТК „Охрид“ и ТК „Чери Спорт“. На средбата градоначалникот Пецаков им честита за постигнатиот успех, со желба први места да освојуваат и во иднина, а локалната самоуправа ќе продолжи да го поддржува секој спортски проект што е од јавен интерес и општо добро. Ана Спасеска и Маја Џајкоска во континуитет, подолг период имаат најдобри резултати и освојуваат први места на општински и државни натпревари.
Пецаков оствари средба и со Давид Крстески, член на Таеквон-до клубот „Хваранг ИТФ“ од Лескоец, кој на последното Европско јуниорско првенство во Копер, Словенија го освои бронзенииот медал. Крстески се закити со брнозеното одличје во категоријата спаринг борби до 63 килограми. На средбата, Пецаков, честитајќи го големиот успех, порача дека локалната самоуправа и понатака активно ќе го помага клубот, овозможувајќи оптимални услови за работа на младите спортисти.
Градоначалникот Пецаков денеска оствари средба и со младите фудбалери од фудбалската школа „Фер плеј“ од Охрид, кои ја освоија титулата Државен првак на Македонија во детски фудбал за генерација 2015 година. Тој упати срдечни честитки до дечињата и нивните тренери со желби за уште поголеми успеси во иднина. Тој истака дека Општина Охрид како и до сега ќе продожи да инвестира во спортот и да дава поддршка на младите спортисти. На првенството во категорија на детски лиги организирано од ФФМ, екипата на „Фер Плеј“ играше без пораз и беше најдобра во конкуренција од 120 клубови од цела Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива