Скопје/Струга, 14. јуни 204 (ОХРИДПРЕС) – Одборот за акредитација на високото образование иако даде акредитација за основање на Факултет за здравствени науки на Универзитетот на Мерко во Струга, го одби барањето за акредитација на студиската програма за медицински сестри, затоа што не биле исполнети законските услови.
Тоа значи дека Факултетот не може да започне со работа, велат од Одборот за акредитација.
– На Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга нема да се запише ниту еден студент, нема да се студира и нема да започне со работа, се’ додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студии за здравствена нега, се наведува во соопштението на Одбор за акредитација на високото образование.
Владата на седницата која се одржа на 9-ти април даде согласност за основање Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга, која во службен весник е објавена на 15-ти април за време на предизборната кампања со потпис на техничкиот премиер Талат Џафери. Одборот за акредитација формира Комисијата која еднаш го вратила проектот на доработка, но следниот пат дала зелено светло. Потоа Одборот издава решение за акредитација за основање Факултет за здравствени науки на Меѓунардниот универзитет во Струга.
Следна е Комисијата на Министерството за образование, која на терен ја утврдува фактичката состојба, врз основа на што министерот носи одлука. Но, иако на Владата во заминување и се брзаше, одборот за акредитација не даде дозвола за студиските програми. Министерот Шаќири, вчера потврди дека го потпишал решението за отпочнување со работа на Факултетот за здравствени науки во Струга, но вели дека се’ е законски.
– Како и за повеќе други факултети, така и за овој, по доставениот извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа на високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно, вели Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и негвото семејство веќе една година се на црната листа на САД. Меѓународниот универзитет во Струга е дел од Еуро колеџ кој е во сопственост на еден од синовите на Мерко. Одборот за акредитација соопшти дека ги одби и сите останати студиски програми од други области на факултетите на Меѓународниот универзитет во Струга поднесени оваа година. (Крај)
извор: Тв Телма/Емилија Мисирлиевски фото: Тв Телма