Вевчани, 26. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На различни локации на Вевчанските извори, во Вевчани, денеска и утре ќе се изведе мултимедијалниот и локациски, специфичен перформанс „Алхемија на дивината“.
Премиерата е закажана за вечерва, среда, 26-ти јуни 2024 година со почеток во 19:00 часот, по што во утре, четврток, на 27-ми јуни ќе следуваат уште две изведби, со почеток во 12:00 и 19:00 часот.
„Алхемија на дивината“ ќе ги трансформира патеките на живописното Вевчани и Вевчанските извори. Ова уникатно искуство е дело на заеднички процес кој ги спојува талентите на уметници-изведувачи од различни уметнички области. Додека го истражувате Вевчани, околу вас ќе се создаваат магични приказни од алтернативни реалности. Нурнете во овие наративи на еден час, за време на настапот во живо, или препуштете се на една подолга авантура која ветува трансформативно патување. „Алхемија на дивината“ ве предизвикува да размислувате за природата на времето, конечноста и постоењето, поттикнувајќи интроспекција за тоа како сме живееле и како живееме, како се менуваме и како комуницираме. Ова искуство ќе ве поведе на лично патување за откривање на она што е навистина важно во вашиот живот. Кои акции е потребно да ги откриеме, или реоткриеме,притоа избирајќи ги според приориетот на важноста. Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега, порачуваат организаторите.
Уметници – ментори се: Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ, а изведувачки уметници: Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива