ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ Хроника

Охрид и Струга остануваат дестинации во кои често „оперираат“ крадците од целата држава

Охрид/Струга, 15. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на целата година, но најмногу во текот на летните месеци, Охрид и Струга се дестинации во кои често „оперираат“ крадците од целата држава.

Бројни се случаите на влегување во станови и куќи, украдени возила, а не е мал бројот и на дрски кражби во кои се одземаат паричници, мобилни телефони и други поскапи предмети како накит.

OhridPress дознава дека деновиве се приведени две лица од Скопје, кои извршиле повеќе кражби во објекти во централното градско подрачје.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) во пресрет на секоја „сезона на кражби“, која обично започнува заедно со новата летна туристичка сезона, ги советуваат граѓаните да внимаваат како и каде ги чуваат своите лични предмети на плажите. Освен ситните кражби по крајбрежјето, на мета на крадците се и паркираните автомобили во близина на плажите, каде што посетителите ги оставаат своите вредни предмети. Многу чести се случаите со искршените стакла на возилата и украдените радија, лаптопи, ситни пари и накит од внатрешноста на автомобилите.

– Не ги оставајте своите вредни предмети на плажа. Бидете внимателни. Полицајците активно се присутни и редовно вршат патроли низ плажите со цел да превенираат вакви кражби и да ги фатат сторителите кои ги вознемируваат туристите, велат од МВР.

Порачуваат, да не се споделуваат плановите за одмор на социјалните мрежи, бидејќи на тој начин крадците лесно може да видат кога ќе бидете далеку од дома. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука