јуни 16, 2024

Охрид, 16. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во четврток на 20-ти јуни 2024 година, ќе се одржи музичка вечер „Чалгиските звуци во чест на Климе Садило“.

– Бидете дел од овој настан и уживајте во „подзаборавените“ звуци на Охридската чалгија со музичката група „Фросина“ и Камерниот оркестар од Охрид, порачуваат организатприте.

Настанот ќе се одржи на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 20:00 часот, во организација на Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди“ од Охрид.

Климе Садило е роден 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“. Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во неговата тајфа свиреле: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Климе Садило ја купил виолината од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година каде го изучувал чалгискиот занает и на неа свирел до крајот на својот живот. Го познавал нотното писмо, свирел со лева рака, во стил со продорен, некогаш не толку чист, но и мекамлиски тон. Чалгискиот занает му бил единственото занимање со кое го издржувал своето семејство. Со тајфата настапувале во Охрид, Ресен, Кичево, Струга, Дебар, но и надвор од Македонија, во Србија, Албанија, Бугарија. Не можел да се замисли некој настан во градот, а да не се викне Такамот на Садиловци. Свиреле на свадби, крштевки, сунети, големи празници, панаѓури. Во репертоарот имале македонски, српски, турски, бугарски, албански и влашки песни. Климе Садило е автор на песни и ора како: „Собарско оро“, „Излези на пенџере Рисавѓи“ и други. Снимиле лонг плеј плоча во Америка на Бродвеј, а исто така снимиле плочи и за дискографската куќа „Југотон“ од Загреб. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода. (Крај)

извор: ОхридПрес/muzejohrid.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука