News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
јуни 17, 2024

Охрид, 17. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

Шо арни си бевме ко бевме мали

Ми текна не времето ко растевме ние и колкава е разликата со денешниве деца. Скоро во секоја куќа имаше најмалу по три деца. Куќите немаја ногу одај и немаше ко сега за декое дете посебна одаја. Немаше ногу напраени згради и се живееше по куќи заедно со родителите и дедо и баба.

Обавезно се беревме заедно да јајме сите и се знаеше дека прво почвет да јадет најстарите а после децата. Обавезно на масата се клаваше бокал со вода наточена од чешмата надвор. Сите куќи имаја чешми надвор и таја вода беше најслатка. Сок пијавме ако имаше некаков себап и то главно сируп (од малина, протокал, вишна…) на растворајне. То време имаше и кокти, оранжади кои се сметаја за луксуз а подоцна се јавија и првите Јупи во темно зелени шишина.

По некој куќи, а особено во турските куќи растеја специјални трендафили од кои се праеше сок и тој беше нешчо најубо и чесно за да почестиш гости ко ке ти дојдет. За навечер ко ќе се вратевме од плажа, главно јадејне беше леб, патлиџан и сирење. Е сега една разлика со денешниве деца. Ако не однесеја на гости, дома прво ќе ни кажеја да сме умни, да не прајме беља таму и ќе не седнеја на крај или на друга маса. Денеска по гости, децава се главни на масата.

Шом ќе дојдеше лето по цел ден бевме надвор и на плажа. Налето немаше купвење и носење кондури. По цел ден шетавме боси, а навечер ако не однесеја чаршија облеквевме сандали.

Ние шо седевме блиску до гимназија, таму игравме фудбал. Лопките ни беја пластични кои летаја чудно или ако се дупнеја игравме со истушени лопки. Ногу пати кршевме џамој од гимназијата и тогаш бегавме да не‘ фатит чуварот. Ако не начекаја ни ја земаја лопката. Ногу се плашевме од Ило Ѓоршески од Воска, кој беше служител и мајстор во школата. После ко учевме во средно, видовме дека е ногу добар чоек. Најубо врвевме со Коло Чипан, кој никогаш не не’ бркаше. Тогаш во дворот од гимназија немаше асфалт, имаше некаква песок со оштри камчина, а на делот кун Маларична имаше трева. Со децава од офицерскиве згради игравме во Дуборезачка. Таму имаше уба трева за фудбал и имаше убав парк во кој ги кршевме трендафилите со лопката. Во то време таму беја сместени и дел од вработени од музејов или беја споени во една организација.

Ко сега памтам таму не бркаше Јонче (на прекар од Климушкана). Тој секогаш успеваше да фатит некое дете. После ко потпораснавме разбравме дека Јонче играл фудбал за Охрид ко млад и бил еден од најбрзите фудбалери шо играле за Охрид.

Колку п’ти ќе падневме, ќе ги сриневме колејнците или лактата. Ќе се растечеше крв, ама то беше нормално, така се растеше. Зато шо одевме боси, секој ден некого ќе го к’снеше оса или пчела. Во секоја куќа имаше лозница, ке ни скинеја од грозјето јагурина, го мачкавме местото и така ќе поминеше.

Имавме м’ка со поголемите деца. Ако дојдеја тие да игрет, нас не’ бркаја од дворот. Ќе поминеше некој поголем и ќе ни удреше клоца или чврга за нишчо, така него му текнало. Си поминал покрај куќата негова, или си свирел нешчо, ќе те начекаше другиот ден и ќе ти удреше чврга. Ги знаевме кој мават најјаки чврги и од нив бегавме. Најјаките чврги се викаја мацоли кои се маваја со средниот прст оптегнат како пружина. Дома не кажвевме дека некој не удрил зато шо и ние то го праевме со помалите од нас, а и да кажевме беше џабе.

Тогаш луѓето немаја коли, а секоја куќа имаше точак. Најпознати беја точаците од „Партизан“ Суботица. Точаците беа големи и тешки, а ние ги возевме искривени со ногата пикната под железо. Ко одевме на плажа се качвевме по двајца или тројца на точак, а гледавме да не не’ начекат милиција зато шо беше забрането да се возит појќе од еден на точак. Едно време се јавија точаци „Пони“ и „мини“. Се беревме к’ј тие шо купија први вакви точаци и сите деца чекавме ред да свртиме по еден круг со овие точаци.

Имат ногу работи по кои се разликвевме од денешниве деца, сега ми текна за овие.

Муабетов ми е дека растевме самостојно, сами се снаоѓавме на улица, родителиве не трчаја за секоја ситница да не’ заштитат, ги немавме сите „погодности“ шо ги имет денешниве деца, ама имавме поубо детство.

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука