Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Струга ТОП ВЕСТИ

Поништена акредитацијата за основање на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга

Скопје/Струга, 17. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга денеска е поништена од Одборот за акредитација на високото образование.

Со ваквата одлука донесена на денешната седница, како што информираат од Одборот за акредитација на високото образование, се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот. Од коалицијата „Вреди“ минатата недела преку соопштение информираа дека Универзитетот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доби бакшиш од министерот за образование Јетон Шаќири – акредитација на медицински факултет во Струга, јави 360 Степени.

Според коалицијата, за овој скандал министерот за образование Шаќири мора да даде отчет на јавноста, како што велат, да покаже докази зошто го акредитирал универзитетот на Мерко да има и медицински факултет, како и, според нив, да посочи дали овој универзитет има соодветни кабинети за изучување на предметите од медицината, исто како и рамка на академски барања.

Дел од медиумите, минатата недела, објавија дека лиценцата за отворање на факултет за здравствени науки, Мерко ја побарал уште во април, веднаш по формирањето на техничката влада.

По објавувањето на информацијата, министерот Јетон Шаќири ги демантираше, како што рече, наводите од одредени политички субјекти, според кои, како што додаде, е прозван дека го основал Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга. Ја образложи процедурата за акредитација на факултетот во Струга и посочи дека Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование го акредитира проектот доставен од Универзитетот.

Од Одборот за акредитација на високото образование уште тогаш информираа дека сè додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми кои согласно Законот за високо образование се суштински дел за една високообразовна институција да започне со работа, ниту еден студент нема да се запише и нема да се студира на Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга.

Оттаму велат дека одлуката за давање одобрение за основање Факултет за здравствени науки при Меѓународен универзитет во Струга е донесена од страна на Владата на седница одржана на 9 април 2024 година, а објавена во „Службен весник“ на 15 април 2024 година. Од Одборот додаваат дека првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра и медицински техничар) е одбиена на 6 јуни 2024 година бидејќи не ги исполнува законските услови.

Оттаму додадоа и дека не се акредитирани и сите други елаборати за студиските програми од други области на факултетите на Меѓународниот универзитет во Струга поднесени во 2024 година, односно биле одбиени од одборот. (Крај)

извор: 360 Степени фото: 360 Степени

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука