Охрид, 18. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во охридското село Рамне, во селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ неодамна ја одржа првата работилница насловена „Учиме да сучиме“ за оваа сезона.
Ученици со интерес за традиционалната македонска храна учествуваа во сите фази на подготовка, од сеење брашно до печење под сач.
Наташа Неданоска, љубител на македонската традиционална кујна, го водеше настанот. Заедно со нејзиниот сопруг Васко и децата, Христијан и Петар, тие одржуваат мала фарма и градина која обезбедува свежи состојки за нивните кулинарски авантури. Наташа нагласува дека пренесувањето на традициите на младите е клучно за зачувување на македонското наследство.
Работилниците имаат за цел да ја приближат младината до традицијата и да поттикнат чувство на гордост и восхит. Учесниците научија кулинарски тајни, дискутираа за еколошки теми и се запознаа со македонските празници и обичаи.
– Презадоволна сум од првата работилница. Децата покажаа огромен интерес и веднаш напредуваа. Најголема победа за мене е нивната среќа и задоволството кога го вкусуваат својот труд, вели Наташа.
„Пирустија Неданоски“ најавува продолжување на работилниците, со цел опфаќање на што поголем број млади луѓе, идни зачувувачи на македонската традиција. Тие ги повикуваат сите заинтересирани институции и организации на соработка и поддршка. (Крај)
извор: skopjeinfo.mk фото: skopjeinfo.mk