Охрид, 19. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група „Патувања низ Македонија“, која има повеќе од 250 илјади следачи отворена е дискусија за она за што се зборува пред секоја летна сезона – Дали е Охрид скап град за одмор?
– Со години наназад на Охрид му се прави антиреклама во однос на цените и Охрид можеби станува непривлечна дестинација поради цените во угостителските објекти. Според многумина можеби заслужено, а според некои не. Секој си има различно искуство. На некои домашни туристи одморот им поминува со често посетување на ресторани и кафичи, но и барови на плажи каде што сакаат да си седат на лежалка (наместо да си понесат своја), а на други спротивно. За тие што често сакаат да седат по ресторани/кафичи и да бидат сместени во центарот на градот или стариот град, претпоставувам дека им е поскапо. Иако многу угостителски објекти, поготово тие во центарот, се скапи, сепак се зависи од тоа како вие си го водите одморот во Охрид, дали сакате полуксузно или поефтино да поминете. Каде и да одите на одмор, центарот на тоа туристичко место во кое што ќе бидете секогаш е скапо, без разлика дали станува збор за ресторани или сместување. Бидејќи јас не сум голем фан на ресторани и не ми е многу важно дали ќе бидам во центарот, одморот во Охрид минатата година во август ми помина добро, од аспект на потрошувачка.
Ова не значи дека и вие не можете да поминете поефтино во Охрид во јули и август. Се’ зависи што сакате и што барате од одморот. Што мислите на оваа тема, прашаа администраторите на групата.
Сосема очекувано, вистинско шаренило во одговорите.
Од оние кои не ја згрешиле темата, ги издвојуваме ставовите дека не е градот скап, туку ние сме урнисани како општество со исклучително ниски плати, дел посочуваат дека Охрид не е летувалиште, туку град кој треба да има сосема поинаков однос кон туризмот, со оглед на убавините и културно-историските знаменитости кои ги има. Граѓаните со став дека градот е најубав во мај и септември и дека во лето би го избегнале, пред се’ поради гужвите и цените, дел посочуваат на одредени угостителски и сместувачки објекти кои нудат врвен квалитет по навистина пристапни цени. Интересно е што во дискусијата се вклучени и охриѓани, од кои дел се занимаваат со туризам. Тие се со став дека цените се прилагодени на понудата и побарувачката и потсетуваат дека за нив истите цени се во текот на целата година.
Доколку имате што да кажете на темата, кликајте ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес