јуни 20, 2024

Охрид, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Течат подготовките за претстојното, 31-во издание на популарниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, кој ќе се одржи на 30-ти и 31-ви август на „Долни Сарај“ во Охрид.

Станува збор за еден од најпознатите музички фестивали во Република Македонија, кој е познат и надвор од нејзините граници. Во текот на изминатите три децении допре до повеќе од 200 милиони гледачи, се емитуваше во педесетина земји во Европа и низ светот, во фестивалската биографија е запишано дека на него настапија пејачи од 37 земји, а важи и за значаен симбол на градот Охрид.

Традиционално фестивалот ќе почне со Фолк вечер низ која ќе води шармантната Ирена Спировска и каде што покрај докажаните Благоја Грујовски, Катерина Танева, Благица Павловска, Петар Нечовски, Милица Кузмановска, група „Биоритам“, шанса за убав старт ќе имаат и нови музички надежи.

Интернационалната вечер е резервирана за поп-музиката и младите, но и за етаблирани имиња од Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Бугарија…

Омилената водителска двојка Марјана Станојковска и Васил Зафирчев ќе бидат на своите позиции, а на фестивалот ќе ги видиме Јелена Томашевиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Срѓан Марјановиќ, Брано Ликиќ, Тони Мишел, Принц од Врање…

„Охрид фест“ ги поддржува младите, но е познат и како фестивал што има долга меморија и ги почитува уметниците што оставиле трага во музиката, не го заборава квалитетот на уметниците кои за адутот го имаат траењето. Во тој контекст, за безвременска песна е прогласена „Одисеја“ што маестрално ја пее Лео Мартин, композиција која го издржа тестот на времето од 1973 година.

Организаторите најавуваат уште изненадувања, со директен пренос на Канал 5 телевизија, на 30-ти и 31-ви август, од 21:00 часот. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука