Вевчани, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани, во сабота, на 22-ри јуни 2024 година, со почеток во 20:30 часот, официјално ќе биде отворена Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања 2024“.
– Оваа година по 13. пат Меѓународната ликовна колонија собира разнолика група талентирани уметници од целиот свет во периодот од 22-ри јуни до 6-ти јули. Ќе творат: Доне Милјаноски, Зоран Јакимоски, Томе Мишев, Синиша Кашавелски, Петар Попчев, Данчо Ордев, Владимир Темков, Трајче Блажевски, Ангел Миов, Фехим Хушковиќ, Глигор Васков, Ване Костуринов, Љупка Василева од Македонија; Далас Атент и Робин Шварцман од САД; Нина Русева од Бугарија; Кристоф Бартник и Барбара Бартник од Полска; Миролјуб Сретеновиќ, Миливоје Штуловиќ, Ивана Живиќ, Даниела Радовиќ Хес, Каќа Ѓорѓевиќ, Ѓорѓе Станиќ, Тодор Јовановски од Србија и Самела Белјази од Албанија, информираат организаторите.
Големото отворање претставува спој на музиката и останати визуелни уметности, со настап на дуо со стилски и естетски разновиден избор на дела за флејта и пијано, како и изложба на најдобрите дела на македонските сликари од претходните колонии.
– Покрај учеството на познати сликари, и оваа година колонијата реализира посебен настан: „Детска ликовна школа“, која ќе поттикне креативност и уметничко изразување помеѓу најмладите таленти. Исто така, во соработка со Шпаркасе Банка и оваа година во Вевчани ќе дојдат млади студенти и новодипломирани сликари, кои имаат уникатна можност да работат заедно со утврдени уметници и да стекнат непроценливо искуство. Чест ни е да ги поздравиме пријателите на колонијата, уметниците, претставниците на државните институции и членовите на дипломатскиот кор кои го најавија своето присуство на овој настан. Нивната поддршка и присуство ги истакнуваат силните врски и широкиот круг поддржувачи кои колонијата ги гради низ годините. Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 13 години прерасна во значаен културен настан кој поттикнува креативност, соработка и културна размена. Оваа година колонијата има за цел да ја продолжи оваа традиција, обезбедувајќи платформа за уметниците да создаваат и да инспирираат, порачуваат организаторите на манифестацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива