Охрид, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На платото пред НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вечерва се одржа музичка вечер „Чалгиските звуци во чест на Климе Садило“.
Охриѓани имаа можност да уживаат во овој прекрасен настан и „подзаборавените“ звуци на Охридската чалгија со музичката група „Фросина“ и Камерниот оркестар од Охрид.
Настанот се одржа во организација на Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди“ од Охрид.
Климе Садило е роден 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“. Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во неговата тајфа свиреле: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Климе Садило ја купил виолината од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година каде го изучувал чалгискиот занает и на неа свирел до крајот на својот живот. Го познавал нотното писмо, свирел со лева рака, во стил со продорен, некогаш не толку чист, но и мекамлиски тон. Чалгискиот занает му бил единственото занимање со кое го издржувал своето семејство. Со тајфата настапувале во Охрид, Ресен, Кичево, Струга, Дебар, но и надвор од Македонија, во Србија, Албанија, Бугарија. Не можел да се замисли некој настан во градот, а да не се викне Такамот на Садиловци. Свиреле на свадби, крштевки, сунети, големи празници, панаѓури. Во репертоарот имале македонски, српски, турски, бугарски, албански и влашки песни. Климе Садило е автор на песни и ора како: „Собарско оро“, „Излези на пенџере Рисавѓи“ и други. Снимиле лонг плеј плоча во Америка на Бродвеј, а исто така снимиле плочи и за дискографската куќа „Југотон“ од Загреб. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес